Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт, Директорот Марјан Спасески и претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, д-р Миле Јованов потпишаа Меморандум за соработка.
Директорот Спасески истакна дека со овој меморандум се утврдува рамката за соработка меѓу АМС и Здружението во делот на реализацијата на проектот “Најдобар млад програмер” како и во различни домени од делокругот на информатичкото поле.
„Оваа рамка всушност е насочена кон унапредувањето на едукативните, истражувачките и апликативните активности во областа на информатичките науки и компјутерско инжинерство, кон поттикнувањето на иновативноста, креативноста и претприемачкиот дух кај младите луѓе и учениците од средните училишта“ – истакна Спасески.
„Истовремено со реализацијата на овој проект сакаме да ги стимулираме младите, пред се средношколците да се запишуваат на техничките факултети“– потенцираше Спасески.
Главна активност на овој меморандум е реализацијата на проектот “Најдобар млад програмер”, проект кој е во програмата на Агенцијата за млади и спорт и кој е предвиден да го реализира АМС со поддршка на ФИНКИ и Здружението на информатичарите на Македонија преку организирање на државен натпревар по информатика.
Проектот е предвиден да започне со реализација во текот на месец Декември 2014 година со спроведување на караванот по средните училишта во Република Македонија, со цел промовирање на проектот и информирање на средношколците за самиот натпревар. Караванот ќе го сочинуваат претставници од Агенцијата за млади и спорт, ФИНКИ и од Здружението на информатичарите на Македонија. Натпреварите ќе се организираат на ниво на:
• Општински и регионални (во текот на месец февруари),
• Државен (во текот на месец март) и
• Македонска олимпијада (во тек на месец април).
На победниците по категории од олимпијадата ќе им биде овозможено да заминат на Светската олимпијада која ќе се одржи во Киргистан во месец јули 2015 година.