Голем интерес на чешката публика за изложбата ,,Трансфигурирање”

Изложбата е централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република …

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и нејзиниот чешки колега Даниел Херман, синоќа во галеријата на Чешкиот центар во Прага свечено ја отворија изложбата „Трансфигурирање” на Националната галерија на Македонија. Изложбата е централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република, во чии рамки годинава беа одржани голем број културни настани. Отворањето на изложбата предизвика голем интерес кај чешката публика со присуство на многубројни гости и претставници на државни институции, на научната и академската сфера и претставници на дипломатскиот кор. На изложбата која ќе трае до 10 јануари 2015 година, се претставени визуелизациите на авторите на современата уметност: Јован Шумковски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ирена Паскали, Велимир Жерновски, Мирна Арсовска, Марија Сотировска, Игор Тошевски, Нада Прља, Игор Сековски, Антони Мазневски, Борис Шемов, ОПА Професионалци, Искра Димитрова, Александар Станкоски, Дијана Богдановска, Благоја Маневски, Славица Јанешлиев, Атанас Ботев, Жанета Вангели, Вана Урошевиќ.

„Осознавајќи го сопствениот вредносен код, овие уметници ги преминаа границите на нашата држава, го освоија европскиот и светскиот културен простор и денеска тие се горди репрезенти на македонската култура и уметност во меѓународен контекст. Генерациската разнородност на овие еминентни претставници на македонската визуелна сцена како и богатата медиумска палета низ која се изразуваат овие автори и која вечерва ја презентираме пред вас, од слики и скулптури, до објекти и инсталации, несомнено ќе ви го претстави широкиот дијапазон на македонската современа уметност која е автентична но, во исто време и препознатлива во поширокиот европски и светски културен простор“, истакна министерката Канческа-Милевска на отворањето на изложбата. Министерката за култура потстети дека историјата на културната интеракција помеѓу Чешката Република и Република Македонија е исклучително богата и таа бележи долга традиција.

„Нашите две земји се дел од европската културна различност, која е една од најсилните препораки кои му ги нудиме на светот. Во оваа смисла навистина радува фактот што нашите земји имаат изградено цврсти мостови на богата и разновидна културна соработка, која во последните години бележи исклучителни резултати“, рече Канческа-Милевска. Таа им се заблагодари на сите учесници и поддржувачи на македонското претставување во Чешката Република, на министерот Херман и Министерството за култура на Република Чешка за укажаното гостопримство, како и на Амбасадата на РМ во Чешка и амбасадорот Паскал Стојчески.

Чешкиот министер за култура Даниел Херман потенцираше дека оваа изложба е уште едно камче во мозаикот за запознавање на актуелната македонска уметност и нејзините творци. Херман додаде дека и Македонија и Чешка посветуваат големо внимание на одбележувањето на дведеценискиот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, што покажува дека заемно се почитуваат и продолжуваат во напорите подобро да се запознаат и соработуваат. Македонскиот амбасадор во Прага, Паскал Стојчески подвлече дека Македонија и Чешка се согласуваат дека културната размена претставува важен начин за продлабочување на заемните односи, а како доказ за тоа што може културата со посредство на уметноста да донесе е и претставувањето на македонските уметници преку нивните дела.

08_ceska_izlozba