Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија во септември 2015 година ќе настапи на веќе четврто Европско Првенство по ред, откако успешно ги мина квалификациите играни минатото лето. ФИБА Европа денеска ги презентираше шеширите во пресрет на извлекувањето на групите за Евробаскетот, кое ќе се одржи на 8 декември во Париз.
Распоредот на репрезентациите во шеширите е одреден според резултатите од Евробаскетот во 2013 година, како и од квалификациите за Евробаскетот 2015 година, играни минатото лето. Нашата репрезентација се наоѓа во четвртиот шешир, заедно со селекциите на Полска, Белгија и Италија и со самото тоа нема да може да се најде во иста група со овие три селекции. На извлекувањето во Париз на 8 декември (од 16:00 часот), извлечени ќе бидат четири групи од по шест репрезентации, а одредени ќе бидат и локациите за одигрувањето на натпреварите од првата групна фаза.
За прв пат во историјата на ова натпреварување, домаќини ќе бидат четири различни држави – Хрватска, Франција, Германија и Летонија. Натпреварите од групната фаза (5-11 септември 2015), ќе се играат во градовите Загреб, Монпеље, Берлин и Рига, додека финалната фаза односно разигрувањето за титулата, ќе се одржува во Лил во Франција од 12 до 20 септември 2015.
Репрезентацијата на Македонија минатото лето успешно ги мина Квалификациите во група со Белгија, Белорусија и Данска, остварувајќи 5 победи во 6 меча. Ова е четврто учество на Европско Првенство за нашата селекција по ред и вкупно петто во историјата.
Шешир 1: Франција, Литванија, Шпанија, Хрватска
Шешир 2: Словенија, Украина, Србија, Финска
Шешир 3: Грција, Турција, Летонија, БиХ
Шешир 4: Полска, Белгија, МАКЕДОНИЈА, Италија
Шешир 5: Германија, Израел, Чешка, Грузија
Шешир 6: Холандија, Русија, Исланд, Естонија