Претседателот Иванов со честитка по повод Денот на независноста на Република Албанија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до албанскиот претседател г. Бујар Нишани, по повод Денот на независноста на Република Албанија

„Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особена чест и задоволство, по повод Денот на независноста на Република Албанија, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на пријателска Република Албанија и нејзините граѓани.

Дозволете ми во оваа свечена пригода да го изразам моето задоволство од пријателските и добрососедски односи кои ги негуваат нашите две земји. Постојаниот позитивен тренд во билатералната соработка, како и заемната посветеност на регионалната соработка, претставува значаен фактор во функција на остварувањето на стратешките определби на нашите две држави и во функција на зајакнувањето на дијалогот и стабилноста во регионот.

Длабоко сум убеден дека и во иднина заедно ќе продолжиме да работиме на негувањето и продлабочувањето на меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес. На тој план ја нагласувам мојата целосна подготвеност.

Дозволете ми, господине Претседател, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.“- стои  во честитката.