„Пренесувано од генерација на генерација, постојано обновувано како интеракција со природата и историските услови на постоење, како духовно богатство на еден народ, сведочи за неговото опстојување.“ Ова го истакна на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска по повод ставањето на орото „Копачката“ на листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство.
„Сметавме дека преку „Копачката“ можеме пред светот да презентираме дел од нашата богата етнокореолошка традиција, нашето непроценливо фолклорно богатство. Македонските народни танци имаат важно место во македонскиот фолклор и во музичката традиција, и токму затоа, во изминатиот период со големо внимание работеле на досието на македонското оро „Копачката“, нагласи Канческа-Милеска.
Според неа, впишувањето на „Копачката“ е резултат на повеќегодишна тимска работа на досието, во која учествуваа Министерството за култура и Националната Комисија на УНЕСКО на Република Македонија, Управата за заштита на културното наследство, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“– Скопје, во соработка со локалната самоуправа на град Делчево, фолклорната група „Копачка“ и извонредните практичари, носители на ова нематеријално добро.
Пред една година Македонија на Репрезентативната листа на УНЕСКО го впиша своето прво културно добро, уникатниот верски обичај „Четрсе“ од Штипско, што, рече министерката, беше од големо значење за нашата земја бидејќи Македонија уште еднаш ја легимитираше сопствената култура, традиција и идентитет во меѓународни рамки.
„Уверена сум дека наскоро бројот на културните добра на Репрезентативната листа на УНЕСКО ќе се зголеми и дека машкото двогласно пеење од Долни Полог „Гласоечко пеење“ како и трите меѓународни апликации “Хилдерез/ Св. Ѓорѓи“, “Анегдотите за Настрадин Оџа“ и “Мартинки“ иницирани од Турција и Романија, ќе станат дел од престижната листа на УНЕСКО и заедно со останатите нематеријални добра, ќе сведочат за бескрајната човекова креативност“, напомена Канческа – Милевска.
Впишувањето на „Копачката“ од село Драмче, како нематеријално и културно наследство на човештвото, според градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански, е од огромно и несекојдневно значење не самоз а граѓаните на општина Делчево, туку воопшто за сите граѓани на Македонија во и надвор од неа.
„Препознатливоста на звукот од тапаните, автентичноста и уникатноста на елементите на „Копачката“ прикажани преку движењето на играорците, заедно со убавината во едноставноста на носиите од пијанечкиот регион с еможеби мали нешта, но по својот дух и богатство, се типичен репрезент на раскошот и карактерот на нашиот народ, кој живее на овие простори,“ рече Шехтански.
Со успехот за верификација на ова нематеријално културно наследство на највисоко светско ниво, како дел од УНЕСКО, нагласи, само се потврдува различноста и уникатноста на македонската традиција, онаква како што се градела низ богатото историско минато на македонскиот народ на овие простори.
Според секретарот на националниот комитет на УНЕСКО за Македонија Лидија Топузовска, впишувањето на „Копачката“ претставува историски чин и е од големо значење за нашата држава.
„Ова не е случајно, претставува дел од долгорочната заложба, пред се на Министертсвото за култура и Националната комисија за УНЕСКО. За разлика од материјалното културно наследство, нематеријалното со векови се пренесува, но во времето на една општа глобализација и на губењето на вистинските вредности на културата е соочено со голема опасност на изумирање. Нема пишувани документи, нема материјални докази за неговото постоење низ вековите со кое го презентираме идентитетот на една нација и држава,“ истакна Топузовска.
Навраќаји се на историјата за орото, претседателот на здружението „Копачката“ Димитар Узунски заклучи дека тоа сега се наоѓа на високо врвот и оти ќе го задржат тоа место.
Македонското оро „Копачката“, автентично за делчевското село Драмче, со одлука на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, пред неколку дена, беше впишано како второ културно добро од Република Македонија на Репрезентативната листа за нематеријално културно наследство на човештвото.