Потпишан Договор за полициска соработка меѓу Македонија и Италија

Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска денес и утре во Рим, Италија, учествува на дводневната министерска Конференција – “ИПА 2013 Западен Балкан“, која што во организација на италијанското министерство за внатрешни работи, се одржува, односно е посветена на ИПА проектот – “Борба против организираниот криминал – меѓународна соработка во казненото право“.

Министерката Јанкулоска денес, на маргините од Конференцијата, имаше и средба со домаќинот на настанот, нејзиниот италијански колега г-динот Аџелино Алфано, на којашто се разговараше на повеќе теми од заеднички интерес. Притоа двајцата министри ја оценија досегашната соработка како исклучително квалитетна во духот на пријателството межу двете држави. На средбата двајцата министри го парафираа и Договорот за полициска соработка меѓу двете земји со кој што реално се отвораат нови перспективи во натасмошното продлабочување и интензивирање на билатералната соработка.

Инаку ИПА проектот којшто е главна тема на Конференцијата треба да биде реализиран од страна на Италија а негови корисници се земјите од западниот Балкан. Целта на проектот вреден пет милиони евра, е превенција и борба против транснационалниот криминал и поврзани случаи на корупција со прекугранични импликации.