Tеатарската претстава „На Дното“ на текст од Максим Горки вечерва, со почеток во 20 часот премиерно пред охридската публика ќе биде прикажана во Центарот за култура „Григор Прличев“.
„Претставата се игра во специфичен простор што дополнително придонесува за начинот на игра на актерите и се надевам дека и публиката ќе види колку е специфичен и важен просторот. Претставата се занимава со човекот, во потрага е по вистината, а фасцинантно и во исто време болно е колку текстот напишан од Максим Горки сеуште е актуелен.“, – истакна режисерот Кирил Петрески.
„Актерската игра се сведува на филмска актерска игра повеќе отколку на театарска, затоа што публиката се наоѓа на само метар од актерите и нема место за лага, туку секој еден си ја прати својата задача и намера во делото“, – рече актерот Стрезо Стаматовски.
„Сонував да го работам овој текст, и еве, ја имам таа можност. Го играм ликот на газдарицата на панзионот, бескрупулозна жена која не бира средства за да дојде до својата цел. Имаме доста ликови во опкружувањето со коишто можеме да ја поистоветиме Василиса“, рече Билаловиќ.
Во претставата играат Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Јасмина Билаловиќ, Биљана Билаловиќ, Ивица Цонев, Никола Тодороски и Павел Маслов.
Репризно издание на претставата ќе има утре-вторник, со почеток во 20 часот.
WebOhrid