Во насока на побрз туристички развој и привлекување гости со “подлабок џеб“, Општина Охрид ќе субвенционира авио линии со намера да започнат регуларните летови од Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
За таа цел советниците од градскиот Совет на утрешната седница ќе расправаат за носење одлука за конечно објавување на огласот за субвенционирање на авио линии .
Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески очекува дека ќе се пројави интерес кај авио компаниите за воспоставување директни летови од Охридскиот аеродром .
„Она што е наша заложба е во текот на 2015 година да почнеме со сезонски летови а во текот на 2016, 2017 и 2018 година да започнат и летови преку цела година односно регуларни летови . За сега она што ние како локална самоуправа ќе го субвенционираме тоа е една линија од аеродромот “Лутон“ во Англија. Со тоа имаме намера да привлечеме голем број на англиски туристи кои што важат за едни од најдобрите потрошувачи според податоците на релевантните институции и магазини кои се занимаваат со трендовите во туризмот. Нашата намера е да во наредните три години во Охрид привлечеме најмалку 25 000 англиски туристи,“ потенцира градоначалникот Бакрачески и подвлече дека во исто време Владата на Република Македонија ќе објави оглас со кој што ќе се субвенционира уште една линија од охридскиот аеродром . Се очекува тоа да биде “Базел“ а постои можност да се надополни и со една односно две линии кон други европски дестинации. Преговорите за овие линии ги води министерството за Транспорт и врски кое е и надлежно за целата тендерска постапка.
Со воспоставување на директните авио линии од охридскиот аеродром “Св. Апостол Павле“, општината ќе даде значаен допринос во развојот на туризмот затоа што голем број странски гости, туроператори и туристички агенции барат пристапен аеродром или аеродром во близина за да ги омасоват туристичките аранжмани кон Охрид.