Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, д-р Сашо Василевски денес одржа прес конфернција на која се осврна на обезбедените средства за проекти во патната инфраструктура, која што според него ќе ги подобри и осовремени патиштата низ државата.
Дел од средствата обезбедени за реализација на оваа Програма, се однесуваат на изградба и реконструкција на повеќе делници, но денес Василевски се задржа на изградбата на патниот правец Охрид-Пештани на ниво на експресен пат кој веќе се наоѓа во собраниска процедура, односно го помина првото читање на 24-тата седница на Собранието на Република Македонија.
Изградбата на новиот експресен пат од Охрид до Пештани, кој што е и повеќе од потребен, ќе се протега во должина од 15 км и ширина од 11,4 метри и ќе се гради паралелно со постојниот пат покрај брегот на Охридското езеро. Дополнително, во понатамошниот период се предвидува и меѓусебно поврзување на овој експресен пат со попречните локални патишта.
„Изградбата на оваа делница на ниво на експресен пат, значително ќе придонесе за олеснување на протокот на сообраќај низ населените места особено во летниот период од годината, но и за исполнување на барањата и потребите на граѓаните од овој предел за зголемување на безбедноста и сигурноста на учесниците во сообраќајот во иднина.
Реализацијата на проектот за изградба на експресен пат Охрид-Пештани значително ќе придонесе и за поквалитетна туристичка понуда, како и за поголема достапност на туристичките знаменитости кои што Република Македонија ги нуди во охридскиот регион.
Охрид и охридскиот регион со проектите предвидени во патната инфраструктура ќе добие и автопатско решение, Кичево – Охрид, кој што веќе е во изградба.“– истакна Василевски.
Тој рече дека сите овие крупни инвестиции и зафати кои што се прават во патната инфраструктура во овој регион, освен што ќе помогнат за равој на туризмот како најзначајна гранка, ќе обезбедат и забрзан економски развој, како и поголема и посигурна комуникација на граѓаните од овој регион со останатите делови од Република Македонија.
„Ова се проекти во патната инфрастурктура какви што Охрид и охридскиот регион не паметат децении наназад.
Како пратеник од редовите на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кој што доаѓа од Охрид, во име на целата Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ја поздравувам силната заложба на Владата на Република Македонија, а ние како пратеници во Собранието на Република Македонија и понатаму ќе се залагаме максимално да ги застапуваме потребите и барањата на граѓаните кои што ги добиваме при секојдневната комуникација со нив.“– заврши Василевски.