Порешително и поефикасно справување со трудовата експлоатација на луѓе

„Трговијата со луѓе како специфичен облик на криминал и најгруба форма на кршење на човековите права и дигнитет, преку разни облици на екплоатација како (сексуална, трудова, принуден брак, питачење) за жал дури и во 21-от век сеуште е присутна и актуелна во светот“. Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на отворањето на денешната Национална конференција за проактивна и координирана борба против трговијата со луѓе со фокус на трудовата експлоатација што се одржува во скопскиот хотел “Стоун Бриџ“.

Министерката Јанкулоска потенцираше дека во изминатиот период МВР континуирано превзема мерки и се справува со кривичните дела од областа на трговијата со луже и илегалнјата миграција, при што со тие активности како и со партнерската соработка со задолжените министерства, со меѓународните институции и асоцијации како и со граѓанските здруженија направено е многу на полето на сузбивањето на овој вид организиран криминалитет.

За квалитетот и ефикасноста на тие активности, според Јанкулоска, најдобра потврда е фактот што во годишните извештаи подготвени од страна на американскиот Стејт Департмент Република Македонија по четврти пат по ред е рангирана во ТИЕР-1 групата на земји кои ги исполнуваат потребните услови за успешна борба против трговијата со луѓе (2009, 2011, 2012 и 2013 година).

„Во тој смисол само ќе нотирам дека во текот на оваа година (за изминатите 11 месеци) до ОЈО за организиран криминал и корупција, поднесени се три кривични пријави по член 418-а „Трговија со луѓе“ и 418-г „Трговија со дете“, при што пријавени беа четворица сторители, од кои едно лице е од женски пол. Од страна на институциите идентификувани се осум жртви на трговија со луѓе и тоа: шест малолетни и две полнолетни лица, седум од нив се жени а едно лице е од машки пол, а според државјанството само една од жртвите е странска државјанка која добила дозвола за привремен престој во Република Македонија“, посочи министерката Јанкулоска.

Исто така Јанкулоска истакна дека – “според нашите аналитички опсервации и натаму најзастапен вид во областа на овој криминал – продолжува да е сексуалната експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација. Од вкупно осумте жртви, пет се екплоатирани во скопскиот, една во пелагонискиот регион, додека две наши малолетни државјанки се експлоатирани во странство (Словенија и Италија). Во Центарот за жртви на трговија со луѓе во моментов сместени се шест жртви на трговија кои имаат добиено првична помош и заштита“.

Инаку, Национална конференција за проактивна и координирана борба против трговијата со луѓе со фокус на трудовата експлоатација, на која што присуствуваа и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и евроамбасадорот Аиво Орав, тематски беше посветена на – промоцијата и примената на индикаторите за идентификација на жртвите на трговијата со луѓе.