Повеќе од 150 претстави кои ги проследија околу 83.000 посетители, како и пет успешни премиери ја одбележаа првата година од првата театарска изведба на Македонскиот народен театар во новиот објект. По тој повод в недела МНТ ќе понуди богата целодневна програма во рамки на која ќе се одржи голем театарски маратон.
Програмата денеска на прес-конференција во МНТ ја презентираше уметничкиот директор на таа национална установа, Дејан Пројковски, кој рече дека ќе бидат изведени претставите: „Госпоѓа министерка“ во 11 часот, „Сомнително лице“ во 14 часот, „Свадбата на Фигаро“ во 16 часот, „Изгубени германци“ во 18 часот. Во 18:30 часот ќе се одржи Поетска вечер посветена на Блаже Конески, првиот драматург во МНТ, а во 20:15 часот ќе има промоција на печатеното издание на драмата „Вечната куќа“ и Чај за двајца – гостин Јордан Плевнеш.
Централен дел од маратонот, посочи тој, ќе биде големиот Концерт МНТ и пријателите во 21:30 часот на кој ќе учествуваат актерите од ансамблот на МНТ и актери гости од другите театри. Влезниците за секоја претстава и концертот имаат симболична цена од 50 денари.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека заложбите на Владата биле во насока на изградба на објект кој има голема историска референца бидејќи се наоѓа на истото место каде постоел театарот задржувајќи го архитектонскиот изглед. Посочи дека во театарот функционираат голем број водичи кои ги пречекуваат посетителите кои имаат можност да го разгледаат објектот и да се запознаат со богатото културно наследство кое го поседува нашата држава, а кое е отсликано на богатата орнаментика во големата сала.
„Над 10.000 посетители го видоа објектот и се запознаа со богатото културно наследство на целокупната орнаментика која хронолошки е поставена во ложите на големата сала. Подготвуваме специјална монографија за самиот објект, една репрезентативна книга која ќе излезе идната година во рамки на јубилејот 70 години од МНТ, како и многу други дела на наши познати македонски режисери“, истакна Канческа-Милевска.
Посочи дека освен одржувањето на првиот Меѓународен театарски фестивал, уште една значајна активност ја одбележа првата година од работењето на МНТ, а тоа е формирањето на новиот музеј кој предвидува богата современа музејска поставка преку која ќе биде и раскажана целокупниот историја на МНТ и на театарот во Македонија воопшто.
„Јавноста можеше да види мал дел од фактите кои заедно со целиот тим Министерството за култура ги откупи. Значи вредни артефакти, вредни предмети се откупени, како и голем број уметнички слики, предмети кои ги добивме како донација. Мал дел е изложен, но во иднина се планира музејската поставка да биде поддржана со дигитална опрема односно целокупниот музејски материјал веќе интензивно се дигитализира и секој посетител ќе може дигитално да се запознае со богатата историја на театарот,“ рече Канческа-Милевска.
Нагласи дека станува збор за многу сложен проект кој се предвидува до крајот на 2018 година да биде целосно завршен и додаде дека ќе бидеме единствени и регионално и европски, бидејќи театарот ќе има дигитализиран богат театарски материјал.
„Вечната куќа“ по текст на Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски е првата претстава која на 7 декември 2013 година беше изведена во новиот објект на МНТ.