Кривична за уште еден нарко дилер-дома чувал 820 грама марихуана подготвена за продажба

Единицата за недозволена трговија со дрога при Секторот за внатрешни работи Скопје, со кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство во Скопје го предаде лицето Б.А. (25) од Скопје, поради основано сомневање дека сторил кривично дело- “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. За стореното кривично дело казниво по член 215 од КЗ на РМ, од страна на Судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 денови.

Врз основа на добиено сознание дека Б.А. почнувајќи од крајот на минатата и во текот на оваа година неовластено набавил, точно неутврдена количина на наркотична дрога – марихуана, која ја држел во својот дом и ја препакувал во помали паковки наменети за продажба на уживатели, Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, превзеде мерки и активности за документирање на кривичното дело. Притоа, со Наредба за претрес во дом и други простории издадена од страна на Судија на претходна постапка, извршен е претрес во домот на Б.А. при што се пронајдени и одземени 19 најлонски пакувања со НН растителна материја, една грутка НН материја, една дигитална вага и над 30.000 денари.

По извршеното вештачење, утврдено е дека растителната материја во одземените најлонски пакувања е наркотична дрога – марихуана со вкупна тежина од 822,2 грама, додека одземената грутка НН материја е наркотична дрога – хашиш со вкупна тежина од 1,35 грама.

Во периодот од 2004 до 2013 година против пријавениот Б.А. поднесени се вкупно пет кривични пријави од кои две за кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и по една кривична пријава за кривичните дела – “затајување“, “кражба“ и “самовластие“.

Инаку досега од почетокот на акцијата “Мрежа“ кривично пријавени се околу 150 нарко дилери а запленети се и над 515 килограми различни видови дрога.