Под мотото „Дел од новото време, дел од нашето движење“ денеска се одржа годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
На конференцијата во своето обраќање претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова истака дека во изминатите години во Република Македонија се направени многу значајни чекори за подобрување на општествената улога на жената.
„Не може да се заборави незаменливата улога на жената во семејството, даровите на дружливост, лична чуствителност и нежност со кој е богат женскиот дух, што се вистинска сила за живот во семејството“, рече Рангелова.
Според неа, Унијата на жени особено внимание и натаму ќе посветува на креирање на позитивната популациска свест и совест, ќе разговара со младите брачни двојки за важноста на семејството, со средношколците и студентите за создавање правилен став спрема бракот, семејството, децата, како и за потребата за своето биолошко постоење, создавање свој биолошки подмладок, наследници.
„Врз основа на основните човечки вредности се залагаме за посебна заштита на мајчинството. Ние веруваме дека е непоходно да се стремиме да се постигне следната општествена цел, мајката во семејството да биде занимање, рамноправно на оние надвор од семејството или пак работата во јавните служби“ рече Рангелова.
Обраќајќи се на Годишната конференција, најави дека Унијата на жени се залага и ќе се залага за ослободување од јавни давачки на повеќечлените семејства, за поволности во породилното боледување, вештачко оплодување, за здраво партнерство во семејството на еднаква основа.