Ќе се уредуваат големиот и малиот плоштад и кеј „Македонија“

Ќе се менува ликот на двата охридски плоштади, и кејот “Македонија“. Намерата е централното градско подрачје да стане попривлечно и пријатно место за прошетка и одмор како за охриѓани така и за гостите. Во новиот изглед ќе бидат сочувани афтентичните градски белези. За таа цел,општина Охрид веќе објави огласи за изработка на архитектонски идејни решенија за партерно и хортикултурно уредување на големиот и мал плоштад , како и уредување на градскиот кеј.

Според градоначалникот Никола Бакрачески при изработка на идејните решенија кои се основа за проектите од особено значење ќе биде мислењето на експертите.

Сметаме дека треба да се консултира и да се вклучи поголемата експертска јавност и од таа причина веќе објавивме огласи за изработка на идејни решенија. Очекуваме добар одзив кај сите релевантни и професионални субјекти кои што се занимаваат со оваа област и очекуваме дека ќе имаме квалитетни решенија после кои што ќе можеме да спроведеме изработка на проектна документација по што би започнале со реализација на овие проекти. За нас е битно експертското мислење , архитекти, градежни инженери и сите останати кои се инволвирани во архитектонско и урбанистичко решавање на инфраструктурата во градот да бидат вклучени во изработка но и избор на најдоброто можно решение. Очекуваме дека и граѓаните ќе имаат можност да сугерираат најдобри можни решенија. Сметаме дека изгледот на овие важни инфраструктурни објекти е од особено значење за градот. Како најпрепознатлив туристички бренд во Македонија и пошироко,Охрид му припаѓа на цела Македонија и со фактот што е дел од УНЕСКО како светско културно и природно наследство му припаѓа на целиот Свет и од тие причини сакаме да ги добиеме најдобрите можни идејни решенија од кои ќе произлезат најдобрите проекти за изгледот на овие важни инфраструктурни проекти,“ вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Денеска истекува рокот до кога по претходно распишан оглас до општина Охрид се доставуваа идејните решение за уредување на кеј“ Македонија“. Идејните решенија за уредување на големиот и мал плоштад по претходно распишан оглас до општината може да се доставуваат најдоцна до 22. 12 2014 година.