Превенција на семејното насилство-привремени мерки за заштита и нивна примена

Одговорно и должно постапување, интензивна соработка и координација заради превенирање и спречување на семејното насилство и обезбедување на жртвите, договорија претставниците на СВР Охрид, на центрите за социјални работи од Охрид и Струга, на основните јавни обвинителства од Охрид и Струга,на општина Охрид како и претставниците на невладините организации од Охрид и Струга, на вчерашната работна средба на тема „Превенција на семејното насилство-привремени мерки за заштита и нивна примена“.

Според аналитичките податоци на СВР Охрид опаѓа бројот на регистрирани настани поврзани со семејното насилство. Во првите девет месеци од годинава, на подрачјето на СВР Охрид регистрирани се вкупно 284 настани поврзани со семејното насилство што претставува намалување во однос на истиот период лани кога биле евидентирани 313 вакви настани.

Анализирано по градови, бројката на регистрирани кривични дела од областа на семејното насилство во Охрид бележи нагорен тренд. Така во првите девет месеци од оваа година, само во Охрид биле регистрирани 41 дело што претставува зголемување во однос на 35-те случаеви на семејно насилство пријавени во истиот период лани. Во Струга и Кичево, годинава и лани биле пријавени пет случаи на семејно насилство. Во Дебар годинава имало два а лани еден пријавен случај на семејно насилство.

Во однос на сторителите на кривичните дела семејно насилство, во Охрид во оваа година биле пријавени 36 мажи (син-6,татко-2) и пет жени од кои 23 сопрузи, 4 сопруги и една поранешна сопруга. Од поднесените кривични пријави, вкупно 22 се поврзани со кривичното дело телесна повреда и 16 за загрозување на сигурноста. Најголемиот број на кривични дела од областа на семејното насилство се извршени под дејство на алкохол а помал дел под дејство на дрога или под психичко растројство.

Вчерашната работна средба „Превенција на семејното насилство-привремени мерки за заштита и нивна примена“ беше поврзана со активноста „16 дена активизам за превенција на семејното насилство“ како и со одбележувањето на 9 декември денот на превентивното полициско работење. Претставниците на повиканите институции конкретизираа мноштво мерки за спречување и намалување на семејното насилство како и за заштита на жртвите од ова кривично дело.