Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за третото тримесечје од 2014 година изнесува 4.1%.
Во третото тримесечје од 2014, најголем пораст е забележан во секторите: В- Преработувачка индустрија од 16.6%; Њ,О и П – Уметност, забава и рекреација; Други услужни дејности; Дејности на домаќинствата како работодавачи; Дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 11.6%; К и Л- Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 8.2% и И- Финансиски дејности и дејности на осигурување од 7.5%.
Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2014 година, номинално расте за 1.7%, а нејзиното учество во струкурата на бруто-домашниот производ изнесува 67.9%.
Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 13.6%, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 10.8%.
Тримесечните податоци за бруто-домашниот производ во ова соопштение се подготвени според методологијата
Европски систем на сметки (ЕСА 2010), а како резултат на спроведената ревизија на годишните податоци според оваа методологија.
Податоците и нивната агрегација по сектори на економска активност се презентирани според класификацијата
НКД Рев.2.
Од Државниот Завод за Статистика, информираат дека тримесечните податоци за БДП за серијата 2000-2014 може да се најдат во МАКСтат базата на податоци на веб-страницата на ДЗС.