Македонија ја изработи Стратегијата за преприемачко учење 2014-2020 со која на долг рок се очекува да се зголеми свеста за претприемништвото кај населението и да се зголеми бројот на нови иновативни претпријатија.
Стратегијата предвидува конкретни активности со кои се очекува зголемување на бројот на конкурентни мали и средни претпријатија, а со тоа последователно и намалување на стапката на невработеност.
Документот е изработен на иницијатива на Министерството за образование и наука, а во неговата изработка учествуваа повеќе релевантни институции.
Претседателот Ѓорге Иванов, кој присуствуваше на денешната промоција на Стратегијата, истакна дека претприемничкото учење е камен-темелник за одржлив економски раст и развој и за отворање нови работни места.
„Неоспорен факт е дека нема поисплатлива среднорочна и долгорочна инвестиција од онаа во претприемачкото учење. Развивајќи го претприемачкиот дух кај младите, создаваме мотор што во иднина ќе ја движи напред македонската економија и на европскиот и на глобалниот пазар,“ нагласи Иванов.
Тој подвлече дека многу поразвиени и економски помоќни европски држави немаат стратегии за претприемничко учење и оти она што Македонија треба да се направи во следниот период е веќе донесената Стратегија да ја имплементира со максимално залагање на меѓуресорската група за претприемачко учење и на сите засегнати страни.
„Верувам дека сите можеме да го подигнеме процесот на спроведување. Најмалку што можеме да направиме е да ја подигнеме свеста за значењето и важноста на претприемачкото учење во целото наше општество. Со тоа ќе помогнеме да се создадат услови за заживување на стратегијата“, рече Иванов.
Според заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, со стратегијата се презема уште еден сериозен чекор за зацврстување на економскиот раст.
„Првичните активности што ќе се преземат вклучуваат интегрирање на резултатите од претприемачкото учење, како клучна компетенција во националната наставна програма на сите нивоа на образование и подигнување на свеста за важноста на претприемачкото учење меѓу целото население. Крајната цел е да се зголеми самодовербата за претприемачките потфати на сите граѓани при што ќе се оспособат за целосна и ефективна улога во идниот развој на економијата и заедницата“, подвлече Ристовски.