Општина Охрид: Градоначалникот Бакрачески и надлежните служби во општината неуморно работат на убавиот новогодишен лик на градот

По повод соопштението на ВМРО-НП Охрид, реакција испрати општина Охрид, во која стои:

„Тезгите за продавање на новогодишните честитки и реквизити поставени кај малиот плоштад „Чинар“ беа само времено решение. Овие продажни објекти во текот на денешниов ден ќе бидат заменети со убаво уредени дрвени тезги.

Стручните служби на општина Охрид се на терен, преземени се сите потребни мерки и по постигната согласност со закупците веќе е пристапено кон преуредување на овој простор кој ќе биде естетски попривлечен за охриѓани и гостите кои се очекуваат за Новогодишните и божиќни празници.

Ќе бидат поставени вкупно единаесет дрвени тезги, пет се заштитени со покрив и шиндра а останатите шест имаат слична конструкција, што значи дека уште денес просторот на кој се изложени новогодишните реквизити ќе добие многу подобар и унифициран изглед од сегашниот.

За разлика од политичките субјекти кои со неиздржани соопштенија настојуваат да добијат мали политички поени, градоначалникот Никола Бакрачески и надлежните служби во општината неуморно работат на убавиот новогодишен лик на градов. Се очекува Охрид да биде еден од најубаво украсените градови во државава за новогодишните и божиќни празници.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.