Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се обрати на Иницијалниот состанок со кој се одбележа официјалното отпочнување и промовирање на новиот механизам на социо-економскиот дијалог помеѓу Република Македонија и Европската унија.
„Денес промовираме отпочнување на новиот механизам на социјално-економскиот дијалог помеѓу Република Македонија и Европската унија, организиран со заеднички заложби со нашите колеги и подржувачи од Европската комисија со кои во претстојниот период ќе подготвиме еден значаен стратешки документ-Програмата за реформи во вработувањето и социјалната сфера”, рече министерот Спасов и додаде: “Со отпочнувањето на овој процес, очекуваме дополнително да се зајакне и да се интензивира соработката, комуникацијата и дијалогот помеѓу Република Македонија и Европската комисија и тоа во најзначајните области, како што се областите на пазарот на трудот, вработувањето, социјалната политика, образованието. Во текот на дијалогот и подготовката на Програмата, очекувам да се развие широка, квалитетна и сеопфатна дискусија и дебата за приоритетите и предизвиците, како и за политиките и реформите кои се спроведуваат, но и оние кои ќе биде неопходно да се применат во иднина”.– рече Спасов.
Министерот Спасов истакна дека Владата на Република Македонија во целиот овој изминат период интензивно спроведуваше бројни реформи.
„Се спроведуваа и се спроведуваат бројни програми, мерки и активности насочени кон подобрувањето на состојбите на пазарот на труд, зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста, справување со сивата економија, јакнење на социјалниот дијалог, поттикнување на инвестициите и отворање на нови работни места, политики и мерки за намалување на високата невработеност кај младите, подобрување на усогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила, мерки за поголемо поврзување на системот на образование со реалните потреби на пазарот на труд и олеснување на преминот на младите лица од образование кон вработување. Се воведоа мерки за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, мерки со кои се зголемија пензиите, се зголемуваат и износите на различните парични давања и социјални бенефиции за различни ранливи категории на граѓани, се зголеми и опфатот преку воведување на нови права и социјални услуги за одредени групи на граѓани кои се наоѓаат во состојба на социјален ризик. Се имплементираа програми и мерки за унапредување на состојбата на инвалидните лица, на старите лица, на децата, на Ромите, за справување со демографските предизвици со кои е соочена државата, мерки за интензивирање на процесот на деинституционализација, мерки за поуспешна превенција и заштита од одредени негативни појави во општеството како што се семејното насилство, злоупотребата и занемарувањето на деца, појавата на деца на улица, злоупотребата на дроги итн”, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Во однос на резултатите од преземените реформи, Спасов рече:
„Евидентно е дека преземените реформи ги даваат очекуваните позитивни резултати и ефекти при што изминатиот период значително се намалува невработеноста од 38% пред неколку години на согласно последните статистички податоци да изнесува 27,9 %, исто така и бројот на евидентирани регистрирани невработени континуирано се намалува од 360 000 пред неколку години на околу 220 000 во моментот, бројот на вработени континуирано се зголемува, просечната плата во државата постојано бележи раст , бројот на приматели на социјална помош е значително намален од над 60 000 на 34 000, соодносот помегу бројот на вработени и пензионерите континуирано се подобрува за денес да изнесува 1:1,8, минималната плата изминативе години расте и ќе продолжи да се зголемува и следните неколку години, и сето тоа е резултат на низа законски рефрми и промени, на голем број на проекти кои се спроведени изминатиот период но се разбира, предизвиците и понатаму постојат и понатаму претстојат голем број на реформи и проекти со кои ќе треба да се решаваат предизвиците и да се унапредува состојбата”.- потенцира Спасов.
Во оваа прилика Спасов ја потенцираше огромната улога на социјалните партнери (претставниците на работниците и на работодавачите), како и на претставниците на граѓанскиот сектор, кои со своето активно учество дават особен придонес во идентификувањето на предизвиците и приоритетите, како и во утврдувањето и во спроведувањето на политиките и мерките во овие значајни области.
„Затоа, сметам дека од големо значење и придонес ќе биде и активното учеството со свои ставови и мислења и на претставниците на социјалните партнери и невладините организации во спроведувањето на Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика”, рече Спасов.
На крајот, министерот за труд и социјална политика уште еднаш ја изрази својата поддршка на иницијативата за изготвувањето на Програмата за реформи во вработувањето и социјалната сфера.