На подрачјето на СВР Скопје пронајдени и запленети над 400.000 разни видови петарди

Министерството за внатрешни работи продолжувајќи со континуираните активности во поглед на спречувањето на продажбата и употребата на пиротехнички средства вчера (16.12.), по претходно добиени оперативни сознанија на Единицата за недозволена трговија – Одделение за недозволена трговија со оружје и експозивини материи, реализираше активности во кои што од две импровизирани тезги на Бит пазар беа пронајдени и одзема поголема количина на пиротехнички средства, односно околу 350000 парчиња разновидни пиротехнички средства.

Исто така, во изминатата недела постапувајќи во рамки на овој вид активности Единицата за недозволена трговија- Одделение за недозволена трговија со оружје и експозивни материи заплени поголема количина на петарди и пиротехнички средства, односно околу 50000 парчиња разновидни пиротехнички средства. Притоа, против лицата кај кои се пронајдени пиротехничките средства ке бидат поднесени соодветни пријави.

Така кај С.К. (44) од Битола во близина на Железничка Станица Скопје пронајдени и одземени беа 20.000 парчиња пиротехнички средства. Против истиот ќе следи кривична пријава за “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Потоа кај Н.Р. (45) од Битола во близина на Железничка Станица Скопје се пронајдени и одземени 25.000 парчиња пиротехнички средства. И Против истиот ќе следи кривична пријава за кривично дело – “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ (чл.396 од КЗ на РМ). Кај лицето Т.И. 46) од Скопје во централното градско подрачје беа пронајдени и одземени 1500 парчиња пиротехнички средства, а против него ќе следи прекршочна пријава по Законот за експлозивни материи. И кај лицето И.А. (49) од Скопје на ул.„Христијан Тодоровски-Карпош“ беа пронајдени и одземени 6.500 парчиња пиротехнички средства, а против истиот ќе следи кривична пријава за “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Инаку, според статистичките показатели, во текот на изминатите 11 месеци на 2014 година по кривична постапка запленети се 221.908 парчиња петарди како и 4.558 ракети и 1.770 огномети. А по основ на прекршочна постапка -10.841 или севкупно над 230.000 парчиња петарди. Кривично се пријавени 35 лица за 34 кривични дела од областа на недозволена трговија каде има заплена на петарди. Најмногу од бројката запленети пиротехнички средства се во Скопје-149.596 парчиња петарди, 914 ракети и 1671 огномети. Лани во ваквите полициски активности по кривична постапка беа запленети 111.404 парчиња петарди и 57 ракети а по прекршочна постапка 17.998 парчиња петарди, а притоа кривично се пријавени 33 лица за 32 кривични дела од областа на недозволена трговија.