„Нашата интенција е да направиме еден пресек и една анализа со албанската полиција, да ги идентификуваме и утврдиме заедничките приоритети во иднина и особено, целта ни е да обезбедиме една проактивна предност во тековното полициско работење во соработката помеѓу двете полиции, преку идентификување на лица, на криминални групи кои се вклучени во транснационален организиран криминал и соодветно на тоа, практично да се организираме и да поставиме заеднички оперативни тимови кои ќе имаат обврска на дневно-оперативно ниво да соработуваат и да разменуваат информации, со крајна цел, отварање заеднички истраги“.Ова, меѓу другото го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, м-р Митко Чавков, на почетокот на денешната билатерална средба со неговиот албански колега г-динот Артан Диди, на којашто покрај двајцата директори учествуваат и челните луѓе на повеќе организациони единици од двете министерства.
Директорот Чавков нагласи дека досегашната соработка на двете полиции покажала резултати а доказ за тоа е откривањето на криминалната група која вршеше грабежи во златарниците во струшко-дебарскиот регион. “Како епилог на досегашната успешна соработка помеѓу двете полиции“, рече Чавков, “успеавме со заеднички активности да ги идентификуваме субјектите во организираната криминална група која делуваше на подрачјето на Охрид, Струга и Дебар и успевме да ги расчистиме вооружените грабежи и разбојништва во златарниците во Дебар и Струга.
Директорот на албанската полиција г-динот Диди, нагласи дека на денешната средба ќе се оцени досегашната соработка во борбата против организираниот криминал но и полициските експерти ќе се запознаат подобро за да делуваат заеднички на терен. Според директорот на албанската полиција, целта е да бидеме целосно компатибилни со западноевропските вредности. “Затоа во нашата делегација што присуствува на работниот состанок во Охрид имаме структури од организираниот криминал и од граничната полиција, се’ со цел, овие структури да се запознаат со другата страна и да не биде соработката само делкаративна“, истакна директорот Диди.
Инаку на билатералната средба, се дискутираше за предвидените три теми: анализа на досегашната соработка, идентификација на конкретни области на криминал како заеднички приоритет на двете полиции и профилирање на лица и групи за кои постојат сознанија дека се поврзани и вклучени во криминални активности. Утре, пак, главна тема на разговор ќе биде можноста за воспоставување на заеднички оперативни тимови кои ќе бидат вклучени во заеднички операции како и разгледување на нови предлози, иницијативи во насока на натамошно продлабочување на соработката на двете полиции.