ВМРО-ДПМНЕ: Која бомба по ред е оваа со која синоќа на охриѓани во нивниот роден град им се закани лидерот на СДСМ , Заев?

ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, испрати соопштение до медиумите, во врска со одржаната трибина на СДСМ во Охрид. Во соопштението стои:

„Моралот и вредностите на СДСМ се исти, тоа се криминогени , неискрени вредности во кои нема работа а има многу лаги и празни зборови.

Која бомба по ред е оваа со која синоќа на охриѓани во нивниот роден град им се закани лидерот на СДСМ , Зоран Заев?

Бомби фрлаат од СДСМ но самите себе си се уништат и се повеќе паѓаат на политичкото дно.

Најдобриот мелем на СДСМ, пред фактот дека градоначалникот Никола Бакрачески на локалните избори во Охрид понесе апсолутна победа се нивните лаги. Да, господа од СДСМ на локалните избори Градоначалникот Никола Бакрачески победи со нешто помалку од 8 000 гласови разлика во однос на своите против кандидати. Охридската јавност знае дека разликата во гласови ќе беше уште поголема доколку тогашната локална администрација не беше изложена на секојдневни закани, уцени, заплашувања и малтретирања од страна на тогашното локално раководство од СДСМ.

Господинот Заев, изгубен во простор и време, очигледно несвесен за злото што неговите челници за 8 години владеење го оставија во Охрид , наместо да се засрами од тоа, синоќа се дрзна јавно да го оправдува криминалното работење на поранешниот охридски градоначалник.

Господине Заев, ако не знаевте да ве потсетиме дека вашиот градоначалник во Охрид, на општината и јавните претпријатија им остави долг од над 50 МИЛИОНИ ЕВРА. Долг што не памети поновата историја на Охрид.

Точно е дека Премиерот на Република Македонија Никола Груевски, е Премиер и тоа е доволна и јасна потврда, дека граѓаните на Република Македонија ја подржуваат неговата политика и начин на работа затоа што истата им обезбедува подобар животен стандард. Граѓаните се сведоци на економскиот раст и развој на државава преку отворените поголем број работни места, преку привлекувањето на странски инвестиции и реализација на низа други проекти кои им обезбедуваат подобар живот.

Кога јавноста ќе го види целосното вистинско лице на Зоран Заев и Александар Петрески, кои по ништо не се разликуваат меѓу себе ни во однос на капацитет, ни во однос на морал и начинот на делување, тогаш ќе сфати дека и 8 000 гласови разлика во Охрид и над 200 илјади гласови разлика во цела Македонија е мала разлика.“- стои во соопштението.