Денес, во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО), а по повод Денот на турската настава во Република Македонија, десетина наставници од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец со триесетина ученици отпатуваа во посета на партнер-училиштето „Мирче Ацев“ во Лисичани, општина Пласница. На свечената приредба по повод нивниот празник, учениците од Лескоец – пеачка група и оркестар на народни инструменти – настапија со една музичка точка „Чифте, чифте, пајтонлари“ која предизвика аплаузи на отворена сцена.
Наставниците и учениците од Лескоец имаа можност да се запознаат со колегите-домаќини, со нивните наставни простории и наставната пракса во Лисичани, каде наставата се изучува на турски и на македонски јазик.
По завршувањето на приредбата, домаќините од Лисичани, во чест на гостите од Лескоец, подготвија трпеза со традиционална храна, подготвена од наставници и од родители на учениците.
На свеченоста присуствуваа и претставници на други училишта, а настанот го удостоија и градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски со своите соработници.
Инаку проектот за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) преку партнерски училишта предвидува повеќе заеднички работилници кои наставниците треба да ги реализираат до следната пролет.