Запленети над 125 метри кубни огревни дрва вредни 850.000 денари-кривични за 29 лица

Во периодoт од 01.10 заклучно со средината на овој месец, односно 15.12. СВР Скопје постапувајќи согласно претходно изготвени планови за превземање на мерки и активности во рамките на ОА „Гора“, до надлежното ОЈО поднесе вкупно 19 кривични пријави (18 поднесени од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал и една од страна на ПС ОН Драчево) со вкупно 29 пријавени лица (меѓу кои две малолетни), за сторени вкупно 22 кривични дела и тоа: 10 “кражби“ по чл.235 ст. 3 и 4, три по чл.226 (“пустошења на шуми“), две по чл.100-а од Законот за шуми (“шумски кражби“), две кривични дела “помагање“ по чл.24 вв чл.235 ст.3 и по едно дело “фалсификување или уништување деловни книги“ по чл.280, “злоупотреба на лични податоци“ по чл.149 и “кражба во обид“ по чл.235 ст.3 вв чл.19.

Во рамки на овие активности заапленети се над 125 метри кубни разни видови огревно дрво (претежно даб, бука габер), одземени се пет товарни моторни возила и исто толку патнички моторни возила, како и еден трактор со приколкаа, шест моторни пили, самари. Вкупната проценета штета изнесува речиси 850.000 денари.

Така, во текот на октомври годинава Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе вкупно пет кривични пријави против 10 лица на возраст од 16 до 47 години, за сторени вкупно осум кривични дела од кои четири “кражби“, две “помагање“ и по едно “фалсификување или уништување деловни книги“ и “злоупотреба на лични податоци“. Притоа запленети се над 35 метри кубни дабово и буково огровно дрво, одземени се и четири ТМВ, едно ПМВ, еден трактор со приколка и две моторни пили. проценетата материјална штета изнесува околу 246.000 денари.

Во текот на ноември беа поднесени вкупно 11 кривични пријави (10 од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал и една од страна на ПС ОН Драчево) против 13 лица на возраст од 19 до 48 години, за сторени вкупно 11 кривични дела (четири “кражби“, три “пустошење на шуми“, три “шумски кражби“ и едно кривично дело – “кражба во обид“). Притоа, запленети се речиси 30 метри кубни огревно дрво (бука и даб), одземени се три моторни пили две ТМВ и четири ПМВ, а проценетата материјална штета изнесува над 200.000 денари.

И, во текот на првата половина од месецов пак, заклучно со 15 -ти овој месец од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал поднесени се три кривични пријави против шест лица на возраст од 16 до 49 години за сторени вкупно три кривични дела од две “кражби“ и едно кривично дело “пустошење на шума“. Притоа, запленети се над 60 метри кубни разновидно огревно дрво, одземени се две ТМВ, моторна пила шест самари, а проценетата материјална штета е приближно 400.000 денари. Особено е карактеристичен случајот во атарот на с. Градовци-општина Зелениково каде што на површина од пет илјади метри квадратни во повеќе наврати од страна на три лица биле исечени 425 стебла (165 дабови и 260 стебла од габер) односно 45 м3 огревно дрво со што причиниле штета од 297.300 денари.