Д-р: Тилевски: Подготвени сме да го дочекаме новиот современ компјутерски томограф

Современ апарат за компјутерска томографија ќе добие Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ од Охрид.

Постапката за набавка на ваков апарат што ја распиша министерството за здравство е во својата завршна фаза. Иако според најавите, тој треба да биде ставен во функција во март или април идната година, сепак, од болницата „Свети Еразмо“ велат дека се подготвени во секој момент да започнат со работа.

„Ги имаме сите услови, од технички и просторни, до соодветен стручен кадар. Просторијата е веќе подготвена, тоа е истата онаа каде што беше сместен претходниот томограф. Имаме и двајца рендгенолози кои знаат да си ја вршат својата работа, но и обучен друг медицински персонал за ракување со новиот апарат,“ вели директорот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ д-р Митко Тилевски.

Неопходноста од еден ваков апарат, според него е огромна зашто сега, како што вели, пацинетите се препраќаат во другите здравствени установи за да им биде извршена компјутерска томографија.

„Многу ни е неопходен томографот. Имаме редовни пациенти кои имаат потреба од такво снимање, а исто така се случуваат и сообраќајни незгоди во кои на повредените кои се носат во нашата болница треба да им се направи комјутерска томографија, а знаете, за жал има и тешко повредени, па тие треба да се препраќаат на друго место за да им би де извршена неопходната томографија“, додава д-р Тилевски.

Новиот компјутерски томограф ќе биде 64-слајсен, за разлика од претходниот којшто беше 1,5-слајсен и којшто по 12-годишна употреба, не е во функција повеќе од една година.

Извор: Супер радио/А.Р.