Во текот на наредната година околу 1.000 нови лекари и друг медицински персонал од Македонија ќе бидат испратени на обука во најреномирани болници во странство. Од нив околу 800 се лекари, а останатите техничари и помал број медицински сестри.
„Само за јануари годинава се планира 100 нови лекари и медицински персонал да заминат на обука. Планираме таа динамика да се задржи до крајот на годината за да се реализира програмата. Се трудиме што поголем број од нив да заминат во високо развиените медицински центри. Годинава 29 доктори беа медицинскиот центар Роналд Реган во Лос Анџелес, за догодина ќе се настојуваме да испратиме двојно повеќе. Имаме соработка со болницата во Нирнберг, во Хамбург, одлична соработка имаме со Клиничкот центар во Љубљана…“, рече на отворената владина седница министерот за здравство Никола Тодоров.
Годинава, додаде тој, сакаме да воведеме уште една новина, а тоа се таканаречени фокусирани односно напредни обуки.
„Идејата е да одбереме пет области и тоа операција на колено, дигестивна хирургија, офтамологија, неонатологија и ендокринохирургија. Тоа се пет области во коишто ќе склучиме договор со некои од најпознатите центри во Европа за овие интервенции и да испратиме таму по најмалку тројца лекари. Тие ќе престојуваат една година таму, ќе изведуваат интервенции и ќе работат со пациенти. По враќањето тие треба да дојдат во Македонија заедно со својот ментор да ја воведат новата метода овде и да едуцираат уште најмалку уште двајца во текот на годината потоа. Во текот на втората година менторот треба повторно да дојде во Македонија и да изврши евалуација на квалитетот на едукацијата што ја направиле докторите кои претходно биле обучени во странство“, рече министерот Тодоров.
Идејата е, рече, да развиваме конкретни сегменти од медицината кои сметаме дека треба да бидат сериозно развиени. За секоја област ќе бидат испраќани по тројца лекари, кои овде ќе обучуваат по најмалку двајца. На таков начин ќе се генерираат девет обучени лекари во една дадена област.
Годинава на обука биле испратени 514 лекари и медицински персонал.