Изградба на делницата од пругата Куманово – бугарска граница од Коридорот 8, како и реконструкција и модернизација на десет железнички станици предвидува инвестициската програма 2015-2017 на МЖ која се проценува на над 200 милиони евра. Железничкото поврзување на Македонија со Бугарија и Албанија-Коридорот 8 се очекува да биде завршена во 2022 година.
Како што информира на отворената владина седница Димитрула Ацеска, директорка на МЖ Инфраструктура изградбата на делот Куманово-Бељаковце од Коридорот 8, е во висина од 46,4 милиони евра, а се обезбедени од ЕБОР. Проектот е започнат со градба и работите се изведуваат со планираната динамика, а треба да завршат во 2016 година.
Вториот проект како дел од овој Коридор е делницата Бељаковце – Крива Паланка, за која се обезбедени средства исто така од ЕБОР во висина од 145 милиони евра, како и средства за надзор во висина од 7,5 милиони евра. Во најскоро време би требало да се објави тендер за претквалификација и во тект на следната година треба да завршат сите тие постапки за избор на најдобар изведувач, а на крајот на 2015 година да започнат градежните активности.
За третата делница од овој коридор Крива Паланка-Граница се обезбедени средства за изработка на основниот проект, а градбата треба да започне во 2018 година при што сеуште се во тек обезбедување извори на средства за финансирање. Се очекува тоа да бидат комбинирани извори. Дел од средствата ќе бидат обезбедени од ИПА, дел од ЕБОР и од ЕИБ.
Во однос на делот од Коридорот 8 кон Албанија, таа информира дека е потпишан договор со консултанска куќа што ќе го изработува главниот проект Кичево – Лин. Станува збор за 7,5 милиони евра што се обезбедени од ИПА при што проектот би започнал да се реализира во 2018 година, а да биде завршен во 2022 година така што до 2022 година треба да биде завршена целата делница од Коридорот 8.
Меѓу проектите го спомена и проектот за реконструкција на делницата Битола-Кременица за што е потпишан договор и обезбедени се средства од ИПА, а треба да почне да се гради во 2015 година со рок за завршување на работите од 18 месеци. Овој проект, како што нагласи Ацеска, е посебно значаен, бидејќи овозможува и поврзување на индустриската зона Жабани.
Во однос на Коридорот 10 рече дека во завршна фаза се активностите за ремонтирање на вкупно 54 километри пруга со што брзината на движење ќе се зголеми на 120 километри на час, што е од посебно зачење бидејќи преку овој коридор се одвива 90 проценти од железничкиот сообраќај особено транспортниот.
Дел од средствата кои ќе се инвестираат во железничката инфраструктура ќе се искористат и за обнова и модернизација на десетина железнички станици во земјата за што се обезбедени 2,6 милиони евра преку ИПА.
Во контекст на обновата на станиците, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески појасни дека се избрани две компании, договорот е на одобрување кај ЕК и се очекува деновиве да биде одобрен. Реконструкцијата, пак, на железничката станица која е во тек треба да заврши во април-мај следната година.
Јанакиески на прашање од вицепремиерот Зоран Ставрески посочи дека од 150 товарни вагони кои треба да бидат набавени една третина се веќе пристигнати во Македонија, а во февруари треба да пристигнат сите. Патничките вагони треба сукцесивно да пристигнуваат почнувајќи од јули идната година.
„Станува збор за шест композиции. Првите две, кои се дизел, треба да дојдат во јули-август, а електричните треба да пристигнат во периодот декември-јануари 2016 година ,така што набавката на локомотивите и на вагоните треба да заврши во февруари 2016 година“, посочи Јанакиески.