Ристовски: Следува реконструкција на 124 основни и средни училишта

Според утврдениот план, планирани училишта за рехабилитација се 124 на број. Во различни училишта, ќе има различни интервенции, oва го истакна заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, на вчерашната владина седница.

„Во 50 училишта е планирано да се интервенира во крововите на истите, прозорци ќе се менуваат во 44 училишта, санитарни јазли во 51 училиште, а подови и греење во 30-тина училишта. Со оваа компонента ќе бидат опфатени сите 8 региони во Република Македонија и 51 општина. Досега во изминатиов период во 2014-та година, завршени се активности во 5 средни и 11 основни училишта при што е констатирано дека ќе се продолжи со сите овие активности во поглед на буџетска реализација и реализација на реконструкции на училишта преку грантот кој го имаме преку банката на Совет на Европа“, рече Ристовски.

Ристовски додаде дека ова за него е една од позначајните инфраструктурни активности кои ги реализира министерството за образование и наука.

„Завршени се досега 7 монтажни училишта кои се реализираат во помали населени места. Тоа се училишта за од 30-70 ученици за рурални средини, а во тек е изградба на дополнителни 5 вакви училишта на територија на цела Република Македонија“, рече Ристовски.