Во Министерството за надворешни работи денеска почна годишниот работен состанок со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.
Со работниот состанок претседаваше министерот за надворешни работи Никола Попоски, а излагање имаше и претседателот на Владата Никола Груевски.
Попоски се осврна на актуелната политичка ситуација и релациите на Република Македонија со непосредните соседи, оценувајќи ги како многу важни, додека евроатлантската интеграција е без алтернатива и приоритет на нашата надворешна политика
„Економската дипломатија останува клучна компонента на македонската дипломатија во насока на привлекување странски инвестиции и креирање нови работни места“, подвлече Попоски.
Според него, македонската дипломатија е способна да дава значителни економски резултати, а индикатор за тоа е и скорешната најава за инвестиција на фирмата Капкон, која произведува автомобилски делови, а е минатогодишна иницијатива на Генералниот конзулат во Њујорк.
Попоски најави дека се планира поставување нерезидентни амбасадори со седиште во Скопје кои ќе покриваат некои земји од интерес за Македонија, каде што државата нема претставништва, со цел постигнување поголема ефикасност со пониски трошоци.
Минатата година бележи и зголемено дипломатско присуство на Република Македонија преку отворањето три нови амбасади: во Јапонија, во Казахстан и во Обединетите Арапски Емирати.
На амбасадорскиот совет беше презентирана работата и постигнувањата на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва и сеопфатен преглед на сите настани што се случија во изминатата година. Беа дадени и насоки за планираните активности нa македонската дипломатија за 2015 година.