До средината на јануари комплетно ќе биде готов просторот на Државната кардиохирургија со две операциски сали, интензивна нега и постинтензивна нега, најави министерот за здравство Никола Тодоров.
На отворената владина седница, која траеше до раните утрински часови, Тодоров информираше дека е екипиран кадарот, а од средината на март како ментори во Државната кардиохирургија ќе дојдат кардиолози од Цирих.
„Овој проект го започнавме некаде на почетокот од оваа година со основањето на Државна кардиохирургија. Тоа е проект којшто е повеќе децении најавуван, почнуван, но не успеал да се реализира. Сега работата тече добро. Годината ќе ја завршиме со околу 30 кардиохируршки интервенции, колку што планиравме за оваа година. До средината на јануари следната година ќе се заврши комплетно просторот со две операциски сали, интензивна нега, постинтензивна нега итн. и тогаш веќе почнуваме со можност за поголем број интервенции“ нагласи Тодоров.
Тој додаде дека во моментот на Кардиохирургија работат доктори од Италија и од Дедиње, а двајца македонски кардиохирурзи се испратени на субспецијализација во Ребро, Загреб и во Виена.
„За две години ќе имаме прво двајца субспецијалисти по кардихирургија и еден професор, кој во моментот работи во Кувајт, се враќа во Државната кардиохирургија од јануари. Вработувањата завршија. Кадарот се екипира со 39 вработени од кои имаме доктори, 23 медицински сестри, фармацевт, физиотерапевт итн. Генерално од она што сакам да го најавам е дека од средината на март како наши ментори на Државната кардиохирургија ќе бидат кардиохирурзи од Цирих. Со нив ќе работиме на подолг рок, минимум една година. Договорот со нив е постојано да има екипа 24/7, пет екипи од Цирих да се менуваат на 15 или 20 дена. Прво едниот тим ќе дојде, па другиот, третиот итн. во период од една година и потоа ќе бидеме комплетно самостојни“, појасни Тодоров.
Опремата, додаде тој, во најголем дел е веќе пристигната, а се очекува уште еден дел кој ќе биде монтиран во новата Кардиохирургија.
Според Тодоров, идејата е да се направи кардиоваскуларен центар и да се прошири опсегот на интервенции којшто ќе се прави во овој центар.
„Имаме тораковаскуларна хирургија. Таму мислам дека поголем е фокусот на торакалната хирургија – на бели дробови. Васкуларната хирургија, претежно и во најголем дел услугите се даваат во две приватни болници како дел од договорот што го имаат со ФЗОМ. Идејата е да имаме и трет центар на истиот принцип“, рече Тодоров.