Орав: Ефикасна администрација клучен критериум за членство во ЕУ

Функционирањето на администрација е многу важен дел за политичките критериуми и останува приоритет за пристапување. Само ефикасна и функционална администрација може да осигура дека сите обврски за членство во ЕУ се имплементираат насекаде, изјави евроамбасадорот Аиво Орав на конференцијата „Пресретнување на предизвиците на јавната администрација“.

Евроамбасадорот Орав истакна дека реформата во јавната администрација е втората најголема област на поддршка од ЕК преку ИПА и оти од 2009 до 2013 година се наменети 13,5 милиони евра, а реформата на јавната администрација останува приоритетна и во пакетот 2014-2020.

„Реформата на јавната администрација ја презедовме не само во насока на исполнување на критериумите за пристап во ЕУ, туку пред се заради самите нас, за граѓаните и потребата за професионалност и услужливост кон сите корисници на нејзините услуги. Пристапивме кон имплементација на реформите, знаејќи дека се работи за долг и макотрпен пат кој бара преземање бројни чекори, кои понекогаш нема да бидат популарни и од секого прифатени“, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. 

Проектот „Пресретнување на предизвиците на јавната администрација“, како што рече тој, ќе придонесе да се зајакнат капацитетите на Министерството, како и правните и практичните аспекти во делот на организирањето на обуките и управувањето со човечките ресурси.

Со проектот се опфатени службениците и организациските единици кои се одговорни за управување со човечките ресурси во Министерството за информатичко општество и администрација и другите државни органи, со цел, како што додаде Ивановски, надградување на нивното знаење и способности.

„Преку овој проект очекуваме поддршка и во консултативниот процес за донесување на новите закони во областа на администрацијата и во заокружувањето на правната рамка што ќе следи по нивното усвојување“, рече министерот Ивановски.

Тој додаде дека обуките за државните службеници кои ќе се организираат преку проектот, ќе придонесат не само за квантитативно зголемување на бројот на обуки и службениците опфатени со нив, туку и за подобрување на квалитетот на процесот на организација и испорака на обуки.

Како битен сегмент се сметаат обуките за новите вработени лица во администрацијата – припадници на немнозинските заедници, чија правична застапеност во јавната администрација произлегува од Охридскиот рамковен договор и важечките прописи. Овие службеници првпат се опфатени со постојниот систем за обуки. Се очекува исто така проектот да придонесе во краток временски период да се изработи сетот на подзаконски акти, со кој ќе се заокружи правната рамка за административните службенции.

Експертите ангажирани со проектот ја истакнаа важноста на двата нови нацрт-закони за административните службеници и за вработени во јавниот сектор, што се ставени на увид на јавноста, со кои се предвидува каталог на вработенитените во администрацијата.

Целта на проектот „Пресретнување на предизвиците на јавната администрација“ е да се зајакнат институционалните капацитети на Миистерството за информатичко општество и администрација во делот на координација на тренинзи, менаџментот со човечките ресурси, регулаторната рамка о јавните политики. Со обуките ќе бидат опфатени 1250 јавни и државни службеници од кои 450 од немнозинските заедници.