Вакцинацијата генерално се одвива одлично, а од 2018 година е предвидено и вакцина за стрептококата да влезе во генералниот календар, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на синоќешната отворена владина седница.
„Таа е честа бактерија која што е позната за пошироката јавност, посебно на оние кои што имаат деца во градинки и училишта. Веројатно имаме десет пати поголема количина од претходно што сме набавувале. Предвидена е таа во 2018 година да влезе во генерален календар и затоа сега постепено ги зголемуваме количините. Има многу видови стрептокока – шест, седум, девет, 11. Планираме во 2017-2018 година да имаме комплет вакцинација за тоа. Сега ќе одиме доброволно и за определени групи – за деца со намален имунитет, за лица со малигни заболувања,“ рече Тодоров.
За ХПВ вакцината, Тодоров информираше дека е склучен договор пред неколку дена за набавка за следната година.
„Овој пат набавивме двовалентна вакцина. Сега треба да распишеме тендер и за четиривалентна вакцина за оние што треба да примат ревакцинација“, речеТодоров.
Тој оцени дека вакцинацијата генерално се одвива одлично и оти деведесет и шест отсто има опфат на вакцинација во државата.
„Генерално оди добро, иако тука се направи фама. Имам чувство дека има едно антивакцинално движење во државата кое што се јавува како резултат на непроверени факти, на дезинформации кои се шират, на отпор кон вакцината која што е ширена од страна на нестручни лица кои немаат доволно познавања итн, “ потенцира Тодоров.
Нагласи дека врвни доктори потврдуваат оти ваквинацијата нема врска со појавата на аутизам кај децата.
„Од сите страни добивам информации, од врвни светски научници, дури и од нашиот научник во Колумбија Горазд Росоклија, кој е дел од тимот да ја докажат причината за аутизмот, дека аутизмот нема никаква врска со вакцината. И не можам да ги разберам тие антивакцинални движења, но сепак, и покрај тоа 96 отсто е опфатот од луѓето во Република Македонија. Има вакцини кои се задолжителни и вакцини кои се опциски. Ние сме една од земјите со висок опфат на вакцинација. Другите земји се борат за да достигнат над 70-75 проценти,“ посочи Тодоров.