Започнува богатата предновогодишна програма на градскиот плоштад

Со настап на учесниците од детскиот фестивал „Распеано рибарче “ денеска со почеток во 18 часот на плоштадот „Св. Климент Охридски“, започнува неколкудневната предновогодишна програма која е во организација на општина Охрид.

По настапот на „рибарчињата“ во културно уметничката програма вечерва на плоштадот ќе настапат и учениците од основните училишта „Григор Прличев “ и  „Св. Наум Охридски“ од Пештани .

Од утре до четврток во реализација на празничната програма се вклучени учениците од сите основни и средни училишта во градов.

Во петок (26-ти декември) во период од 18 до 20 часот ќе настапат членовите на балетските групи: „СОНАТА”, „ВИ-ЗА-ВИ” и Кореографски центар „21”.

Во деновите на викендот, културно – уметничката програма започнува во 12 часот и ќе трае до 18 часот. Предвидени се настапи на фолклорните ансамбли : KУД „Ѓердан”, КУД „Плетенка”, КУД „Филиграни”, КУД „Илинден”.

Попладнето и ноќта во понеделник (29-ти декември) се посветени на старо градска музика, а ќе настапат: КУД при Здружение на пензионери на општините Охрид и Дебарца, оркестарот при ОСУ Св. „Климент охридски”, и групата „ЗАРИНА”.

Во вторник (30-ти декември) во период од 18 до 20 часот , целовечерен концерт ќе има групата „Билјана-Јуниор”.

Новогодишната програма на 31 декември започнува точно напладне со настап на најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска”, по што ќе следат настапите на талентираните млади музички звезди : Исидора Јанева, Натали Илијовска , рок групата „Тарантула”.

Од 15 до 18 часот посетителите на плоштадот ќе се забавуваат на музика од ДЈ Аце.

Новогодишната програма на градскиот плоштад започнува во 21 часот со настапот на естрадните уметници, Петар Нечоски, групата Камелеон и Владо Јанески.