Донесен законот за изменување и дополнување на законот за акцизите

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на ден 17.12.2014 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите. Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во Службен Весник на Република Македонија бр. 188 од 19.12.2014 година, а ќе се применува од 1 јануари 2015 година.

Со измените и дополнувањата на овој закон, акцизата на цигари од 1 јануари 2015 година ќе изнесува 1,353 ден. по парче и 9% од малопродажната цена. Ако комбинираната акциза е под износот од 1,553 ден. по парче се применува минималната акциза во тој износ.

Во членот 42г став (1) по зборот „ставови“ се додава бројот „(2),“ со што согласно гореспоменатото зголемување на акцизата, производителот и увозникот на тутунски добра се должни на денот на почетокот на примената (1 јануари 2015 година) да направат попис на затечени залихи на тутунски добра во акцизен склад, надвор од акцизен склад, во складови и други простори на овластени дистрибутери и затечени залихи на подигнати контролни марки и истиот да го достават до Царинската управа во рок од три работни дена.

Производителот и увозникот на тутунски добра се должни да ја вкалкулираат новата акциза на тутунски добра на денот на зголемувањето на акцизата на тутунски добра. Ако акцизата на тутунски добра на денот на зголемувањето е поголема од наплатената акциза за подигнатите контролни марки по различни ценовни категории, производителот и увозникот на тутунски добра се должни да достават до Царинската управа барање за доплата на акциза и врз основа на решение од Царинската управа да ја уплатат разликата во рок од 30 дена по денот на зголемувањето на акцизата на тутунски добра.