Груевски: Турскиот јазик и култура се меѓу најзначајните во Македонија

Турскиот јазик и култура се меѓу најзначајните во Македонија, а пријателството со Турција ќе продолжи и во иднина, им порача премиерот Никола Груевски на претставниците на турската заедница кои вечерва го одбележаа Денот на наставата на турски јазик во Македонија.

На свеченоста, на која присуствуваше и неговиот турски колега Ахмет Давитоглу, премиерот Груевски истакна дека негувањето на јазичната посебност останува едно од најзначајните белези на македонското мултикултурно општество.

Според него, прославите на турската заедница во Македонија претставуваат јасен доказ за тоа како се негува и чува искреното и традиционално пријателство меѓу Македонија и Турција.

„Пријателството е една од највредните работи во животот на човекот и ако добро се негува, истото знае да трае вечно. Одбележувањето на овој ден претставува континуитет на почит на Македонија кон турскиот народ, култура, идентитет и традиција. Токму затоа овој празник не е само празник на турската заедница, туку и празник на македонското и турското пријателство,“ нагласи Груевски.

Истакнувајќи дека соработката и почитувањето не почнуваат, ниту пак запираат со одбележување на големите празници, Груевски оцени дека Македонија и Турција имаат одлични пријателски односи на сите полиња.

„Имавме голем број средби на политичко ниво, бележиме напредок во делот на проектите од областа на културата, образованието, здравството, економијата, локалната самоуправа и на многу други полиња значајни за двете држави. Еден од значајните настани кои се случија оваа година во Република Македнија е и пуштањето во употреба на куќата на родителите на Кемал Ататурк и почнувањето со изградба на новиот турски театар кој се планира да биде изграден на осум нивоа и кој по замислата ќе биде еден нов центар за промоција на турската култура во Македонија“, посочи Груевски.

Турскиот премиер Ахмет Давитоглу нагласи дека пријателството меѓу двете држави ќе трае вечно и најави дека и во иднина тоа ќе се зацврстува.

„Секој месец континуирано ќе продолжат нашите посети. Духовниот мост меѓу Скопје и Истанбул ќе го претвориме во дипломатски и политички мост. Можеби немаме заедничка граница, но имаме комши капиџик. Вие секогаш сте добредојдени кај нас и ние секогаш ќе дојдеме кај вас. Нашето пријателство и нашата доверба ќе трае вечно“, порача Давитоглу.

Оценувајќи дека Македонија е пример за мултикултурно општество, Давитоглу рече дека секогаш кога е во посета на Македонија се чувствува како дома.

На 21 декември се одбележува почетокот на наставата на турски јазик во Македонија, која почнала во 1944 година во ОУ „Тефејуз“ во Скопје. Годинава се одбележуваат и 70 години откога во 1944 година турската заедница во Македонија го доби првиот весник на свој јазик и првата радио програма. Денес околу 6.600 млади луѓе следат настава на турски јазик во основните и средните училишта низ Македонија.

Со одлука на Владата на РМ од 2007 година, овој ден е неработен за турската етничка заедница во Македонија.