Економските и трговските односи меѓу Македонија и Турција беа главни теми на разговор на денешната средба во Скопје меѓу министерот за економија Беким Незири и неговиот турски колега Нихат Зејбекчи, кој престојува во земјава во рамките на работната посета на премиерот Ахмет Давутоглу.
На средбата министерот Зејбекчи предложи да се прошири Договорот за слободна трговија меѓу двете земји потпишан во 1999 година и да има бесцаринска трговија не само за индустриски, туку и за земјоделско-прехранбени производи.
„Со ЕУ нашата земја има царинска унија, но без либерализација во земјоделскиот сектор. Затоа, ние сме подготвени за комплетна либерализација само со Република Македонија, која ќе ги вклучува и земјоделско-прехранбените производи“, рече Зејбекчи.
Министерот Незири ги истакна традиционално пријателските односи меѓу Македонија и Турција, и од политички и од економски аспект, што, како што рече, е причина повеќе за продлабочување на деловната соработка, продолжување на циклусот на инвестиции од Турција и проширување на трговската соработка меѓу двете земји.
„Во последните две години турските инвеsтции надминаа 44 милиони евра, а за скоро време го очекуваме и стартот на инвестицијата на Веибо во зоната Ранковце, во вредност од 400 милиони долари, кој треба да донесе 5.600 нови вработувања“, посочи Незири.
Тој изрази очекување што поскоро од турската страна да добие усогласен текст на Одлука и Анекс за измена на текстот на Протоколот за потекло на стоката од Регионалната kонвенција за Пан-евро- медитерански преференцијални правила за потекло на стоки – ПЕМ, од Договорот за слободна трговија, со што ќе се овозможи проширување на можностите за дијагонална кумулација на потекло на стоки со ЕФТА земјите и медитеранските земји.
Mинистерот Незири учествуваше и на Пленарната средба на делегациите на Република Македонија и на Република Турција, која ја водеа премиерите Никола Груевски и Ахмет Давутоглу.