Има надеж дека Грција во даден момент ќе најде сила да се надмине прашањето за разликите за името, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има некакви планови и очекувања за решавање на спорот наметнат од јужниот сосед за следната година, премиерот рече дека не може да наведе дека има конкретни планови и очекувања.
„Има надеж дека Грција во даден момент, во некој момент ќе најде сила да се надмине ова прашање. Тоа го посакуваме, работиме на тоа. На сите наши меѓународни средби зборуваме за тоа. Бараме да се вклучат и други заинтересирани страни да помогнат. Никој не го оправдува ова што го прави Грција, но за жал имаат разбирање затоа што, пак, тие имаат други проблеми финансиско-економски коишто може да се рефлектираат на другите земји во еврозоната поврзани со еврото, стабилноста на еврото итн,“ рече Груевски по днешената средба со коалициските партнери.
Правиме се што можеме и се што е во наша моќ, додаде премиерот, и се надеваме дека ќе има некое поместување понатаму, но не можеме да го потврдиме тоа, бидејќи многу малку зависи од нас, во најголема мера зависи од нашиот јужен сосед.