Груевски: Растот на индустриското производство одличен показател за економијата

Растот на индустриското производство од 5,2 отсто за 11-те месеци од годинава е втор во Европа и е одличен показател за движењето на економијата, оценува премиерот Никола Груевски.

„Одличен податок е веста што вчера ја слушнавме од Државниот завод за статистика дека во ноември годинава во оснос на ноември лани имаме раст на индустриското производство од 5,8 отсто, односно 5,2 отсто за првите 11 месеци од оваа година споредено со првите 11 месеци од минатата година. Тоа покажува дека 15 месеци по ред расте индустриското производство. Петнаесет месеци без исклучок секој месец имаме раст на индустриското производство и тоа е одличен показател за движењето на економијата. Не само што имаме во првите три квартали втор највисок раст на вкупната економија на БДП во Европа, веднаш по Англија, туку и што е во делот на индустриското производство што е значајно за Македонија. Тоа укажува дека мерките што се преземаат, реформите што се прават, охрабрувањата што се даваат за македонските компании, соработката меѓу Владата и државните институции со стопанските комори и директно со компаниите во правец да им се помогне даваат резултат,“ рече премиерот Груевски одговорајаќи на новинарски прашања по промоцијата на 50 нови наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.

Според него, со растот на индустриското производство, расте извозот, расте вкупната економија и БДП, а се намалува невработеноста.

„Растат и девизните резерви во време кога тоа не се случува баш така насекаде во Европа. Европа не е во таква криза како што беше пред две години, но се уште не може да се каже дека е стабилизирана ситуацијата, а кај нас веќе имаме две години по ред каде што имаме сериозни растови на економијата. Лани бевме држава со трет најголем раст во Европа, оваа година во првите три квартали држава со втор највисок раст во Европа, а еве и во делот на индустриското производство што е еден сегмент од БДП, имаме сериозен раст. Ние ќе продолжиме со фокусот на економијата, ќе продолжиме со фокусот на отворање нови работни места и со помагање на стопанството затоа што тоа е главниот двигател на отворањето на нови работни места,“ потенцира премиерот Груевски.