Јанакиески: Не сум задоволен од работата на „Македонија пат“

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вечерва во Охрид се состана со сите надлежни служби задолжени за зимско одржување на патиштата и за справување со зимските услови. Како што истакна тој, патот до Извор е прооден, но најголем проблем има на превојот Пресека.

„Околу 30 села имаат блокирани патишта. Покритично е струшкото село ’Ржаново, но МВР веќе се организира и во текот на утрешниот ден да направи евакуација на три возрасни лица“, најави Јанакиески.

Во врска со електричната енергија, министерот Јанакиески рече дека дел од населените места уште вечерва ќе добијат струја, а останатиот дел, како што му ветиле од ЕВН, ќе добијат електрично напојување до утре во 14 часот.

„Општина Вевчани, Лабуништа, Октиси и Боровец ќе добијат струја до утре во 14 часот. Половина од населените места во општина Дебрца ќе добијат струја во текот на ноќва, а останатиот дел утре. Охридските села Велмеј и Брежани ќе добијат електрична енергија утре, а Белчишта и Ботун уште вечерва. Поголемиот дел од Дебар веќе има електрична енергија, а мал дел од оваа општина ќе добие струја утре,“ изјави министерот Јанакиески.

За охриѓани, како што рече, е добро што се очекува уште вечерва да проработат пумпите на Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ бидејќи, според него, во финална фаза е нивното приклучување на електричната мрежа.

„Охрид покрај тоа што веќе има редовно снабдување со електрична енергија, ќе има и редовно снабдување со квалитетна вода,“ додаде Јанакиески.

Тој при вечерашната средба со надлежните служби во Охрид се заблагодари на градоначалникот Никола Бакрачески, кој, како што рече, со неколку приватни компании се вклучи во пробивањето на патот од Кичево кон Охрид и во евакуирањето на завеаните патници.

„Голема благодарност до најголемиот дел од градоначалниците, како Бакрачески, Села и останатите, бидејќи работеа во текот на целата вечер и најголемиот дел од населените места се веќе пробиени. Апел до сите градоначалници активно да се вклучат“, рече Јанакиески.

Министерот за транспорт и врски информира дека дополнително се ангажираат сили и преку Дирекцијата за заштита и спасување.

10549081_923905340954544_2994687839214605681_o

„Дел ќе помогне општина Охрид, но и „Македонија пат“ треба да направи вонредни напори за да ангажира механизација која ќе работи на овој потег. Вечерва договоривме дополнително сили од повеќе општини да пристигнат со машини во Охрид. Тие веќе се на пат и очекуваме зголемена механизација. Не сум задоволен од работата на „Македонија пат“, но имам ветување од директорот дека во текот на утрешниот ден патот од Извор-Пресека, па се до Ботун, кој е критичен, ќе биде прооден за сите возила“, појасни Јанакиески.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески оцени дека состојбата во Охрид е стабилизирана и патиштата во Охрид и кон најодалечените села во општината се пробиени во текот на вчерашниот ден.

„Денес во расчистување на улиците и јавните површини беа ангажирани буквално сите јавни претпријатија и целата општинска администрација без разлика на нивното работно место и позиција. Снабдувањето со електрична енергија од она што го имавме како информација на координативното тело е дека е нормализирано на територијата на општина Охрид. Останува уште дел од селото Лескоец да биде непречено снабдувано со електрична енергија, како и горните делови од селата Рача и Велестово. Не очекувам во наредните часови или денови да имаме прекин во напојување со електрична енергија“, изјави Бакрачески.

Охридскиот градоначалник кој инаку по вокација е лекар, рече дека освен пробивањето на патниот правец Кичево – Охрид, најважно било и спасувањето на завеаните патници.

„Во текот на вчерашниот ден донесовме брза одлука за спасување на животите на граѓаните кои беа завеани повеќе од десет, дванаесет или четиринаесет часови. Тоа беше акција не само за пробивање на патот, туку и за извлекување на луѓето кои навистина беа подложени на опасност, па дури и да ги загубат животите“, додаде охридскиот градоначалник.

10373112_923905380954540_3756292255098317171_o