Во пресрет на новогодишната ноќ Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните за максимално воздржување од употребата на огнено оружје, петарди или други пиротехнички средства, како и од други нарушувања на јавниот ред и мир, со цел новогодишната ноќ да мине во мирна и безбедна атмосфера.
Покрај ова, на сите учесници во патниот сообраќај, им порачуваме да бидат внимателни и дисциплинирани и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и особено да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол.
Министерството за внатрешни работи како и во претходните години и овојпат ќе ги зајакне позорните и сообраќајните патроли, пред се на местата и објектите каде што ќе се организира пречек на Новата година.
Така, во пресрет на Новогодишната прослава од страна на СВР Скопје е изготвен план за обезбедување, при што со одреден број на полициски службеници ќе биде покриено целото централно градско подрачје вклучувајќи ја и централната новогодишна прослава која ќе се одржи на плоштад Пела односно кај Порта Македонија.
Исто така, со цел за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба сообраќајот ќе биде пренасочуван по улиците и тоа: од улиците “11 Октомври“ и “Димитрије Чупоски“ и тоа на потегот од крстосница меѓу улицата “11 Октомври“ со булеварот “Кочо Рацин“ до крстосницата од улиците “Димитрије Чупоски“ и “Даме Груев“ кај ТЦ „Палома Бјанка“.