Латвија – нов претседавач со ЕУ

Од стартот на 2015 година, Латвија го зазеде претседавачкото место со Советот на Европската унија. Оваа балтичка земја го презеде шестмесечното ротационо претседателство од Италија, а на 1 јули ќе му го предаде на Луксембург.

Во наредните шест месеци, основните принципи за Латвија ќе бидат: вклученост, развој и одржливост. Како приоритети се наведуваат зголемувањето на конкурентноста и заложбата за енергетска независност на ЕУ. Во фокусот ќе бидат и зајакнувањето на европската економија и отворањето нови работни места.

Во текот на претседавањето, предвидено е да бидат организирани околу двесте настани на различни нивоа во Латвија и околу 1.500 состаноци во Брисел и Луксембург.

За време на претседателството на Латвија, меѓу другото, треба да се одржат Самитот на источното партнерство, 5. Состанок на министри за образование на земјите од АСЕМ, Конференцијата на европските тела за стандардизација, Самитот за Е-здравство, како и УНЕСКО Светскиот ден на слободата на медиумите.