Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати општина Охрид, во која стои:
„Општина Охрид им благодари на СДСМ -Охрид , што толку “будно“ и “загрижено“ ја следеле состојбата со снежното невреме во Охрид , па наместо веднаш да помогнат со личен пример во расчистување на снегот пред своите дворови, се огласија во јавност со цинично соопштение осум дена по неговото паѓање.
СДСМ- Охрид ја изобличува вистината, но фактите говорат дека сите улици во Охрид и патишта до најодалечените охридски села беа пробиени и проодни за сообраќај само неколку часа по невремето. Градоначалникот Никола Бакрачески како ниеден досегашен охридски градоначалник несебично се вклучи во чистењето на снегот и беше дел од конвојот за спас на завеаните охриѓани и патници кон превојот “Пресека“.
Официјалните податоци на СВР – Охрид , се јасен доказ дека по паѓањето на снегот во Охрид и неговата околина немаше ниту една сообраќајна незгода ниту прекин во нормалното одвивање на сообраќајот во градот и во селата, што е доволна потврда дека наводниот “сообраќаен метеж” и застој по охридските улици е само уште една конструкција на СДСМ- Охрид.
Почитувани од СДСМ – Охрид, точно е дека во последниве 10 години во Охрид имало поголеми врнежи од снег но исто така е факт дека во последните 10 години никогаш за време на снежни врнежи, температурата во градот не била 5 дена последователно под нулата, односно од -5 до -12 Ц степени . Но исто така е факт дека во истиот период во минатото, главните градски артерии па дури и улица “Туристичка“ сме ги виделе во многу полоша состојба , понечисти и затрупани со снег иако температурите на воздухот не биле под нулата.
Општина Охрид, изразува жалење и не може да ја разбере болката на СДСМ- Охрид поради вистината дека за новогодишните празници сите хотели, ресторани и кафулиња во градов беа полни со домашни и странски гости кои 24 часа на ден ширеа ведро и весело расположение во Охрид. Исто така општина Охрид изразува жалење што СДСМ- Охрид со денешното соопштение направи грев односно директно го исмеа и омаловажи трудот на работно ангажираните лица од јавните претпријатија и општината кои на -12 Ц степени, неуморно во три смени и во континуитет за време на празниците работеа на расчистување на снегот од улиците и тротоарите.“ – стои во реакцијата.