Викендов започнува традиционалниот Вевчански карневал

Со промоција на книгата „Масони од Македонија до 1990 година“ од Миле Д. Миќуновиќ и отворање на изложбата на слики од Петре Шутиноски в петок почнува годинашното издание на Вевчанскиот карневал со кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, односно Православната нова година.

„Вевчани живее за карневалот и амбициите ни се секоја година да биде подобар од претходната. Лани траеше пет дена, а годинава ќе трае шест. Се очекува за време на карневалските денови Вевчани да го посетат преку 20.000 гости, а најавена е и екипа од Би-Би-Си,“ рече градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски на денешната прес-конференција во Скопје.

Тој посочи дека карневалот е уличен театар без режија за кој маските не се знаат до почетокот на манифестацијата со исклучок на трандиционалните зет, невеста и глупавиот август.

„За Василица секоја куќа во Вевчани е отворена за сите гости и секој што ќе дојде ќе биде пречекан со убаво вевчанско вино, греана ракија и познатите луканци“, порача Угриноски.

Членот на Организацискиот одбор Мишо Китаноски истакна дека Вевчани живее од и за карневалот.

„Секој вевчанец во текот на годината мисли како ќе се маскира и ќе ви кажат се што сакате, но не и во што ќе бидат маскирани за Василица. Самите василичари се автори на маските и на дијалогот на она што ќе го изведат, а во текот на годините на одржувањето на карневалот ниту една власт не останала некритикувана“, рече Китаноски.

Тој нагласи дека за в сабота е предвидена промоција на книгата „Токму кај што треба“ од Крсте Шутиноски и изведба на монодрама за Методија Андонов Ченто, додека в недела ќе настапи КУД „Дримкол“.

Главната музичка програма ќе се одржи на 12-ти и 13 јануари. На 12 јануари во 21 часот ќе настапи македонскиот бенд „Суперхикс“, а пред полноќ хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“, кој во Вевчани ќе ги отпее своите најпознати хитови од 18 студиски изданија.

Централниот настан е традиционалната карневалска поворка која ќе започне на 13 јануари околу 14 часот со парада на групите од Горно и Долно маало. Дефилето во центарот на Вевчани ќе трае до 16 часот. За вечерта во 21 часот е предвидено да се одржи концерт на етногрупата „Љубојна“ со Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, а гостите на Вевчански карневал по 23 часот ќе ги забавува фолк-пејачката Елена Велевска. Старата нова година – Василица ќе биде пречекана со голем огномет што ќе трае три до пет минути.

Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските на 14 јануари.

Вевчанскиот е меѓу најпознатите карневали на Балканот кој се негува повеќе од 1400 години. Во деновите кога се слави доаѓањето на Старата нова година, Вевчани се претвора во голема отворена сцена, а настанот секоја година го посетуваат голем број гости од Македонија и од странство.

Извор: Нет Прес