Со свечена програма одбележан Денот на македонската револуционерна борба

Во очи на 23 октомври, Денот на Македонската револуционерна борба, Локалната самоуправа организира низа свечености со кои им оддаде почит на визионерите, борците, хероите за ослободување и создавање самостојна, независна македонска држава.

Пригоден збор пред присутните одржа градоначалникот Никола Бакрачески кој го истакна значењето на одбележувањето  на Денот.

Создавањето и дејноста на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, претставуваше историска пресвртница за Македонија во 19 и 20 век, а целите на Организацијата се актуелни и денес во 21 век. Каузата за слободна, независна и достоинствена македонска држава се основните столбови на ВМРО  од самото нејзино постоење. Затоа, 23 октомври- денот на формирањето на ВМРО заслужува достојно одбележување на секој македонец и секој почитувач на македонското револуционерно дело, без разлика дали е тоа македонец, влав или било кој друг. 23 октомври 1893 г., е иницијалниот почеток на континуитетот на другите историски датуми за Македонија,  како 2 август 1903, потоа 2 август 1944 и 8 септември 1991 год., кога го исполнивме заветот на Апостолите на ВМРО, на јунаците од Илинден и македонските патриоти од НОБ и конечно создадовме самостојна и независна Република Македонија.  

Ниту еден државен празник не е празник на една политичка партија, еден етникум или една верска конфесија. Оддбележувањето на историските моменти кои се значаен дел од историските движења на некој народ, претставуваат култура на почитување на самиот себе и на останатите.

Денес, како народ и како држава повторно сме исправени пред предизвиците кои влечат историски корени. Повторно сме доведени до состојба на бранење на основните национални столбови. Негирањето на македонскиот идентитет, јазик, култура и ИМЕТО  на Република Македонија се наоѓаат повторно високо на агендата на сеништата од минатото. И овој пат македонскиот народ е судбински поврзан со идеологијата на ВМРО, визионер и закрилник за слободна, независна и суверена македонска држава.

Успехот и развојот на Охрид и Република Македонија е во бранењето на своето достоинство, овозможување подовар живот и стандард на граѓаните и брз економски раст. Тоа е најважната битка која ни следи во идниот период и на која сме силно фокусирани. Ги вложуваме сите наши напори да создадеме општество кое ќе ги вреднува вистинските човечки квалитети. Тоа е нашиот долг и наша одговорност кон историските фигури кои ги вградија своите животи во каузата за независна Македонија. Само така, како генерација, ќе се сеќаваме и ќе го продолжиме делото на основачите на ВМРО, кои пред точно 120 години го запалија незгасливиот факел за создавање на самостојна македонска држава“, – истакна градоначалникот Бакрачески.

Ивона Базгалоска на пијано, Миланка Новеска – соло пеење и Даниел Мојсоски на виолина беа дел од културно – уметничката програма.

Во културно-уметничкиот дел, нумерите со македонски – етно мелос беа во изведба на хорот при гимназијата „Св. Климент Охридски“, познатата пијанистка Емилија Маринова и оркестарот при општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“.