Нови 10 наслови од областа на медицината и стоматологијата, транспортот и телекомуникациите, туризмот и бизнис логистиката, правото, ликовната уметност, природноматематичките науки, како и од областа на машинството и електротехниката денеска беа промовирани во рамки на владиниот проект за превод на 1.000 стручни и научни книги од кои се учи на врвните светски универзитети.
Со денешната промоција, вкупниот број преведени книги од реномирани светски автори изнесува 907. На барање и сугестија на професорите, научниците и познавачите на светската наука, овој проект постојано ќе се надополнува. Почнувајќи од годинава, секоја година проектот ќе се дополнува со дополнителни 50 универзитетски учебници кои се употребуваат на првите 10 универзитети во светот.
„Ние како Влада сме секогаш отворени за добри идеи и предлози и бидејќи овој предлог е во целост компатибилен со нашата цел, а тоа е што поквалитетно образование и што посилни основи на нашите студенти и научници решивме да го прифатиме и да го надополниме проектот. Согласно оваа одлука, годинава ќе бидат преведени дополнителни учебници од три области и тоа педагогија, земјоделство и медицина“, рече на промоцијата на 10-те нови наслови од овој проект премиерот Никола Груевски.
Додаде дека денеска промовираните нови книги на сите студенти, професори, научници и заинтересирани од државниот и приватниот сектор ќе им понудат нов поглед на светската наука, еден нов збир на вредна литература и, како што рече, несомнено ќе ги зајакнат изворите на знаење и вештини во Република Македонија.
Верувам, рече, дека тие ќе станат дел од општествениот интерес, проучувањата, позитивните критики на научната јавност и приоритетна литература во предавањата на факултетите низ нашата земја.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски потенцира дека оваа промоција претставува чекор напред кон реализација на една од најголемите инвестиции во македонскиот високообразоваен систем и науката која придонесува за збогатување на фондот на современа стручна и научна литература.
„Книгите изобилуваат со најнови информации, современи достигнувања, анализи, техники и методи, со што на македонските студенти им е овозможено и достапно, сето она што впрочем им е достапно и на студентите од највисоко развиените земји на глобалниот образовен простор“, рече Ристовски.
Најновите изданија, како и сите претходно преведени и промовирани, освен во читалната во Градскиот трговски центар во Скопје, ќе бидат дистрибурани во универзитетските, факултетските и народните библиотеки, а по пристапни цени ќе може да се купат и во книжарниците и е-продавниците на издавачките куќи.