Бесплатни таблети фолна киселна и јод за секоја бремена жена за периодот од утврдување на бременоста до завршување на 13. гестациска недела, почнувајќи од првата половина на март ќе обезбедува секоја година Министерството за здравство. Станува збор за многу значајна превентивна мерка за унапредување на здравјето и здравствената заштита на бремените жени.
За таа намена, Министерството за здравство одвои 12 милиони денари од сопствени средства во рамки на превентивните програми со кои ќе се обезбедат потребните таблети за околу 23 илјади бремени жени годишно. Со средства од Програма на Министерството секој здравствен дом ќе треба да спроведе постапка за набавка на таблети фолна киселина и јод.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека за примената на оваа мерка, во фаза на изработка е електронска мајчина книшка, која до месец март ќе биде ставена во функција и ќе содржи база на податоци за секоја бремена жена во државата.
Посочи дека врз основа на електронската мајчина книшка, патронажната служба во секој здравствен дом ќе има податоци за секоја бремена жена, ќе спроведува патронажни посети на бремените жени и при овие посети ќе им ги додели таблетите со фолна киселина и јод. Воедно патронажната служба ќе им дава совети на бремените жени за здрава бременост, здрава исхрана и здрави животни навики односно ќе им подели и брошури „Здрава бременост“, кои се во прилог на мајчината книшка.
„На овој начин сакаме да овозможиме достапност на овие значајни суплементи до секоја бремена жена, особено до жените од социјално ранливите категории, за кои обезбедувањето вакви таблети претставувало дополнително финансиско оптоварување. Отсега, таблетите фолна киселина и јодните таблети ќе ги добиваат бесплатно, а воедно значително ќе го заштитат своето здравје и здравјето на бебето“, рече Тодоров.
Според анализите на професионалните здруженија од оваа област, со редовното конзумирање на таблети фолна киселина и јодни таблети, посочи министерот, се намалува процентот на предвремени породувања, анемии, дефекти на невралната туба, докажано е помал и процентот на деца родени со ниска родилна тежина. Особено е забележителна појавата на анемија кај бремените жени и децата, на што укажаа и здруженијата на хематолози и на гинеколози и педијатри.
„Истражувањата за јодниот дефицит кај бремените жени и доилките во Македонија, покажаа дека над 40 отсто од испитаните бремени жени имале недоволен внес на јод. Недостатокот на јод во организмот за време на бременоста може да предизвика сериозни пореметувања во развојот на мозокот на фетусот со ментална ретардација и намалување на коефициентот на интелигенција кај новороденчето, додека недоволниот внес на фолна киселина може да предизвика дефекти во развојот на невралната туба“, појасни Тодоров.
Со превентивното земање фолна киселина пред или во почетокот на бременоста, можно е да се избегнат до 70 отсто од дефектите на невралната туба кај бебињата. – Фолатите имаат огромна улога за правилен развој на бебето, бидејќи учествуваат во формирањето на невралната туба, од која се развиваат мозокот, рбетниот мозок и рбетниот столб на бебето. Развојот на невралната туба се одвива во самиот почеток на бременоста и завршува околу 28 ден по зачнувањето, и токму затоа во овој период особено значајно е конзумирањето фолна киселина, рече Тодоров.
Согласно протоколите за антенатална заштита, препорачаната количина на фолна киселина кај бремените жени изнесува 400 микрограми дневно (0,4 милиграми) во првите 13 недели од бременоста, додека препорачаното ниво на јод за бремените жени изнесува 100 микрограми дневно во форма на јодни таблети.
Согласно препораките на СЗО и светските протоколи, конзумирањето таблети фолна киселина и јодни таблети (во држави кои се јодно дефицитарни подрачја) за време на бременоста значително придонесува за заштита на здравјето на мајката и правилен развој на бебето.