Пратеникот на СДСМ од Струга Јован Митрески, претседателот на ОО на СДСМ Струга Даме Ложанкоски и советничката во Советот на општина Струга, Ирена Мирческа вчера го поминаа денот со жителите на Јабланица, најголемото село во областа Долни Дримкол, струшко, кои беа 12 дена отсечени поради затрупаните патишта и без струја.
Луѓето кои ги минаа празниците во мрак, се жалат на материјални штети, од расипана и онаа малку храна што ја обезбедиле поради сиромаштијата до откажани електрични апарати, поради нестабилниот електричен напон.
Велат дека досега никој од власта не дошол да ги види, ниту прашале за нивните проблеми.
Претставниците на СДСМ се интересираа како може да им се помогне на жителите од оваа област, Долни Дримкол, којашто беше зафатена од хаваријата во југо-западниот дел од Македонија, по првиот снег.
Жителите ја споделија загриженоста за состојбата во којашто сега се наоѓаат и се интересираа за можните механизми да си ги бараат своите права. За почеток, е најавено поднесување барања за обештетување до електрокомпаниите.