Европарламентот им оддаде почит на жртвите од Париз

Со едноминутно молчење, политичките групи на Европскиот парламент им оддадоа почит на 17-те загинати во минатонеделните терористички напади врз францускиот неделник „Шарли“ и еврејскиот супермаркет во Париз.

„Овие 17 карикатуристи, новинари, полициски службеници, вработени и обични еврејски граѓани, беа убиени бидејќи се претставници на нешто што фанатиците не можат да го поднесат: критика, хумор, сатира и слобода на говор. Не смееме да дозволиме стравот, антисемитизмот, исламофобијата и омразата да ги нарушат вредностите кои нас нè дефинираат: слободата на говорот и слободата на печатот, толеранцијата и меѓусебното почитување“, – истакна претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.

Европратениците потсетија дека меѓу тројцата полицајци, беа убиени црна жена, муслиман и етнички Французин. Тие истакнаа дека вредностите нема да се променат, бидејќи веруваат во слободата на изразување и слобода на религијата, а тагата е таа што ќе обедини, бидејќи само преку заедничка работа ќе се искорени тероризмот.

Исто така, беше потенцирана солидарноста на милионите граѓани во Европа и во светот, како ренесанса и реафирмација на основните вредности на Стариот континент.