ОО на СДСМ Охрид, денес испрати реакција во врска со вчерашниот прес на секретарот на општина Охрид Димитар Спасески. Во целост ја пренесуваме реакцијата:
„Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески информираше за расчистување на градежен шут и отпад од локалитетот Мауцкер иако тој нема никаква надлежност.
Според актите на општината, секретарот е одговорен исклучиво за работата на општинската администрација и не може да ја преземе надлежноста на јавните претпријатија.
Најверојатно затоа Спасески покажа елементарни непознавања за проблемите со отпадот на локалитетот Мауцкер.
На Мауцкер безмалку 2 години му случува еколошко злосторство. И наместо некој да сноси одговорност за тоа, главните протагонисти застанаа пред камерите, обидувајќи се уште еднаш да ја изманипулираат јавноста и да ја префрлат вината за сопствената немоќ, неспособност и нестручност врз други.
Власта на ВМРО-ДПМНЕ многу одамна на ова место предвиде индустриска зона, но сепак продолжи да депонира отпад.
Мауцкер прерасна во дива депонија токму во последните 20 месеци, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на локална власт, кога ЈП „Охридски комуналец“ почна да го депонира отпадот.
Јавноста имаше прилика да ја види жалната и грда слика на дивата депонија за чие создавање и постоење во изминатите 20 месеци вината ја сносат исклучиво одговорните лица од локалната самоуправа.“- стои во реакцијата.