Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Амет Даути и претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски информираа за проектот “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година”. Министерот Спасов рече дека третото доба е период од животот, кога треба да постои сигурност на повозрасните лица и квалитетно живеење.
„Години наназад како ресорно министерство ја покажавме нашата грижа за овие лица низ програмски документи, но и низ конкретни проекти и иницијативи на повеќе нивоа, кои овозможија пред сè материјална и финансиска сигурност на оваа категорија на граѓани, како и активности во насока на квалитетен и исполнет социјален живот.
Денеска го најавуваме почетокот на уште еден важен проект “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година”, кој претставува дадено ветување пред граѓаните и дел од програмата на Владата на Република Македонија.
Со проектот е планирано да се опфатат до 3.000 корисници на пензија, односно лица-корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија и вклучува услуга која може да се користи еднаш, во период од април до ноември 2015 година, во траење од 3 дена и опфаќа:
-2 полни пансиони (2 ноќевања со три оброка дневно), односно пристигнување во петок попладне, а заминување недела попладне, и
-автобуски превоз до хотелскиот објект.
Хотелските објекти во коишто ќе бидат упатувани корисниците на пензија кои ги исполнуваат условите, се наоѓаат во туристичките капацитети и одморалишта во Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа и Берово”, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој ја искористи можноста да ги повика заинтересираните пензионери да поднесат барање во најблиската подрачна единица на Фондот на ПИОМ.
„За учество во проектот сите заинтересирани корисници на пензија од 15 ти јануари до 16 ти февруари можат да поднесат барање до подрачната единица на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија.
При рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе биде даден на пензионерите коишто имаат понизок износ на пензии, лицата кои се подолго време во пензија, пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност, односно над 80%, лицата корисници на право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и додаток за слепило.
Распределбата на бодовите на подносителите на барањата за користење на услугата за „Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година” ќе биде од 1 до 100 и тоа:
– до 50 бода ќе се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија,
– до 30 бода во зависност од времетраење на користење на пензијата и должината на пензискиот стаж до остварувањето на правото на пензија,
– 10 бода за корисници на пензија кој пензијата ја оствариле како работници во рудници во подземен ископ со стаж на осигурување со зголемено траење;
– 10 бода за корисници на пензија коишто користат помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило и лица коишто имаат инвалидност над 80%”, рече Спасов.
Министерот Спасов, исто така, информираше дека лицата–корисници на пензија коишто во 2014 година добиле право да ги користат услугите од проектот Бањско климатска рекреација не може да ја користат услугата “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година”.
Граѓаните повеќе информации за проектот може да најдат во јавниот повик кој ќе биде објавен во медиумите на 15 јануари 2015 година, на web страната на Министерството за труд и социјална политика и на web страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
„Ги повикувам сите заинтересирани лица, корисници на пензија да аплицираат за користење на услугата Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година. Барањата ќе можат да се поднесат почнувајќи од 15 јануари до 16 февруари 2015 година. Оваа година услугата ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и есенскиот период, при што за реализацијата на овој проект се обезбедени 10.760.000 денари. Овој проект значи и дополнителна поддршка на туристичките центри и капацитети во Република Македонија, и истиот ќе придонесе во нивниот понатамошен развој.
Со поддршка на Сојузот на здруженија на пензионери верувам дека ќе овозможиме квалитетно поминато време за многу пензионери, бидејќи бенефитот од овој проект е пред сè наменет за нивното здравје и социјализација. Очекувам дека 2015 година ќе биде година во која уште повеќе заеднички ќе се вложиме за достоинствена старост на нашите сограѓани”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.